МРТ ќе ги пренесува Зимските Олимписки Игри во Пјонгчанг


Македонската радио телевизија ексклузивно ќе ги емитува натпреварувањата од 23. Зимски Олимписки Игри што од 9-ти до 25 овој месец ќе се одржуваат во Пјонгчанг.

– По долги и исцрпувачки преговори со „Дискавери“, официјалниот носител на правата за Олимписките игри на територијата на Европа во периодот 2018-2024, Јавниот сервис успешно ја круниса важната мисија – да ја продолжи полувековната традиција, според којашто спектакуларните манифестации се меѓу главните препознатливи белези на неговата богата спортска програма, соопшти денеска МРТ.

Натпреварувањата ќе се емитуваат на МТВ-1 и на МТВ-2. Во периодот од 2 часот изутрина до 15:30 часот попладне, директни преноси ќе одат од натпреварите во алпско скијање, хокеј на мраз, уметничко лизгање, скијачки скокови, бијатлон и во нордиско скијање. Поради временската разлика со Кореја од осум часа, дел од натпреварите во боб, санкање, брзо лизгање, акробатско скијање и во сноуборд ќе бидат емитувани одложно во попладневните и во вечерните часови.

Покрај ова, МРТ соопшти дека ќе ги емитува и Олимписките Летни Игри во Токио во 2020 година.

– Договорот со којшто МРТ обезбеди дека ќе ги пренесува и Олимписките Летни игри во Токио во 2020 година, е склучен на само три дена пред почетокот на Игрите во Пјонгчанг, пред се поради цената на телевизиските права, далеку повисока во однос на цената од претходните олимпијади. Сепак, Македонската Радио Телевизија вложи максимални напори и успеа да издејствува поволни услови, врз основа на коишто ќе остане главниот промотор на олимпизмот и на олимпиското движење во земјава, се наведува во соопштението.

Од МРТ информираат дека покрај ова, во редовните термини ќе бидат емитувани и преносите од фудбалската Лига на шампионите и од Лига Европа, од ракометната Лига на шампионите, од ракометната СЕХА лига, како и од завршниот турнир на кошаркарскиот Куп на Македонија. бак