Момче и девојка преку кражби ќариле над 200 илјади денари


Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против две лица од Скопје поради тешки кражби, од кои се стекнале со противправна имотна корист од околу 212.000 денари.

– Секторот за внатрешни работи Скопје до скопското Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицата Ј.К.(19) и Н.Ѓ.(18) двајцата од Скопје, поради основи на сомнение дека првопријавената извршила три кривични дела од кои две „тешки кражби“, додека второпријавениот извршил осум кривични дела од кои две „тешки кражби“, една „тешка кражба на дрзок начин“ и пет кривични дела „кражба“. Со извршување на овие кривични дела, пријавените се стекнале со вкупна противправна имотна корист од околу 212.000 денари, соопшти МВР.

Првото кривично дело пријавените го извршиле заедно во временскиот период од 31 март до 5.03.2017 до 6 мај 2017 година во куќа на улица „Ниџе Планина“, на тој начин што вторпријавениот со физичка сила насилно ја отворил влезната врата, по што двајцата влегле во куќата и украле разновиден златен накит, по што ја напуштиле куќата. Украдените златни предмети Ј.К. ги продала во златарница која се наоѓа во Старата скопска чаршија, а добиените пари пријавените ги поделиле меѓу себе.

Второто кривично дело исто така го извршиле заедно на 20 мај минатата година во куќа во село Долно Лисиче. Откако второпријавениот дознал дека оштетениот со неговата фамилија се на семејна веселба и во куќата нема никој, заедно со првопријавената со патничко моторно возило „Фиат Пунто“ дошле до куќата каде насилно ја отвориле вратата и украле пари и златен накит. Украдените златни предмети повторно првопријавената ги продала во истата златарница.

Третото кривично дело второпријавениот го извршил на 22 мај 2017 година на булевар „Јане Сандански“, на паркинг каде што ја забележал оштетената, по што се доближил со моторциклот до неа и и го скинал златниот ланец, меѓутоа не успеал да го земе бидејќи паднал на земја, а во раката му останал само златниот привезок, кој го земал со себе и подоцна заедно со првопријавената го продале во златарницата лоцирана во Старата Скопска чаршија.

Четвртото, петтото и шестото кривично дело пријавениот Н.Ѓ. ги извршил на 30 мај 2017 година на улица „Васко Карангелески“ во Основно училиште „Љубен Лапе“, на тој начин што незабележан од никого влегол во училиштето и на првиот кат дошол до училиницата која била празна и од три ранци украл три мобилни телефони по што го напуштил местото на настанот.

Седмото кривично дело пријавениот Н.Ѓ. го извршил на 5 септември 2017 година на улица „Пушкинова“ во Основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“, на тој начин што незабележан од никого влегол во училиштето и додека траела наставата ја искористил приликата и влегол во незаклучената канцеларија на педагогот и дефектологот и од бирото украл еден мобилен телефон, а од ташната го извадил паричникот и од него одзел пари, по што го напуштил училиштето. Истиот ден украдениот мобилен телефон го продал на непознат купувач на Бит Пазар.

Осмото кривично дело пријавениот Н.Ѓ. го извршил на 4 октомври минатата година на булевар „Трета македонска бригада“, поточно во Средно училиште „Владо Тасевски“ – Скопје, на тој начин што без да биде забележан од никого, влегол во училиштето и искористил прилика додека сите биле на настава и од канцеларијата на педагогот украл еден женски паричник во кој имало пари и лични документи по што го напуштил училиштето. Украдените пари ги потрошил за свои потреби, а паричникот со документите го фрлил во тревата на булевар „Србија“.