Многу ученици во земјава се соочуваат со дислексија


Здружението за дислексија АЈНШТАЈН денеска го организираше завршниот настан од проектот „Не сум чуден, само имам дислексија!“, на кој беа презентирани резултатите од истражувањето за степенот на информираност на наставниот кадар во основните училишта во четири општини во Градот Скопје на темата дислексија.

Според резултатите од анкетата, спроведена меѓу наставници од 33 основни училишта од четири скопски општини, Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Центар, свесноста за постоењето на дислексијата меѓу учениците во нашите основни училишта во изминатите години е зголемена, споредено со податоците од 2015 година, кога Здружението спроведе слична анкета. На наставниците се` уште им недостасува обука за полесно препознавање на состојбата, како и техники за работа со децата со тешкотии во учењето. Огромен број од нив апелираат дека итно им е потребна едукација, бидејќи во секое одделение сретнуваат повеќе од две деца кои тешко читаат и учат, најчесто на возраст од 7-8 години.

Над 70 проценти од наставниците, во анкетата спроведена пред три години, изјавиле дека на обуките за потешкотии во читањето и учењето никогаш не бил дефиниран поимот дислексија или пак само бил спомнат. Сега, само околу 30 отсто наставници изјавиле дека само се сретнале со овој поим и немаат никакви дополнителни информации.

Над 80 отсто од наставниците смета дека за децата со дислексија е потребен поинаков пристап во работењето на часот и надвор од училиштето за тие да можат да успешно да ги совладаат училишните задачи. Дислексијата и другите потешкотии во учењето најчесто се препознаат во второ и трето одделение, периодот кога децата учат да пишуваат и да читаат, а почнуваат и со совладување на првите математички операции. Во одделенијата најчесто се сретнуваат меѓу 2 и 3 ученици со потешкотии во учењето, што кореспондира со бројката од 10 до 15 проценти ученици со дислексија.

Според Дамјан Николовски, претседател на здружението, целта на проектот “Не сум чуден, само имам дислексија!” е иста и со мисијата на Здружението АЈНШТАЈН, а тоа е подигнување на јавната свест за дислексијата во Република Македонија. Тој вели дека здружението очекува преку овој проект да се заинтригираат локалните власти да се вклучат поактивно и попартиципативно во креирањето на инклузивни образовни политики за учениците со дислексија.

„Во рамките на проектот „Не сум чуден, само имам дислексија!“, што се реализираше во периодот од февруари до мај 2018 година, беа изработени три истражувачки стории, со цел приближување на темата дислексија до медиумите. Првата беше компаративно истражување за третманост на дислексијата, кое опфати три држави, Македонија, Хрватска и Велика Британија. Втората сторија беше пренесување на искуства на родители и деца со дислексија и предизвиците со кои се соочуваат во образовниот процес. Третото истражување беше направено врз основа на повторена анкета меѓу 33 основни училишта од четири општини во Градот Скопје, во кое сакавме да ја испитаме промената во свеста и знаењата на наставниот кадар и вработените во училиштата на темата дислексија и чии резултати ги соопштивме денес. Лично сметам дека овој проект многу допринесе кон остварувањето на нашата мисија. Се обработија теми кои досега речиси и не беа застапени во македонскиот медиумски простор, со што нивото на јавната свест за оваа потешкотија во учењето се подигна на едно повисоко ниво„, рече Николовски.

Проектот „Не сум чуден, само имам дислексија!“, беше поддржан од Европската Унија, преку подгрантовата шема од проектот “Медиа платформа за застапување”, имплементиран од Граѓанската асоцијација МОСТ.