Младиот моден креатор Методи Коцев е штипскиот Александар Меквин


Во градот на текстилот, познат како македонскиот Манчестер  на една рака можат да се избројат модните креатори, кои имале храброст да отворат свои работилници, односно атељеа и да егзистираат од своите креации. Младиот моден креатор Методи Коцев од Штип  е еден од нив. Втора година по ред тој креира невестински и свечени фустани.

Уникатен е во тоа што самиот ги креира, но и ги шие. Кога сте во  атељето, што се наоѓа кај познатата зграда „Промаја“ во централното градско подрачје, вие сте веќе во светот на модата. Познат и е на штипската јавност уште од мали нозе, кога со својот уметнички талент освојуваше и бројни награди со своите цртежи. Токму и талентот бил пресуден да заврши средно текстилно училиште, а потоа да продолжи и на  факултет за моден креатор.

Потребно е искуство, а го стекнал со работа во две познати македонски компании познати во светот на модата.

-Потребно е едно такво искуство, во текстилните компании. Мене ми е посебно драго, што ми се отворија картите, така што по дипломирањето се вработив во компанијата „Виба“, каде имавме две успешни модни ревии, се презентиравме на модниот викенд во Скопје и во Штип и се случи, тоа што се случи, по што отидов во друга модна компанија „Хера“ во Скопје, каде што имав доста искуства, во смисла работа со познати личности, настани, свечености, рече Коцев

Негова креација  има носено и Мис на Албанија за 2018, а ја изработил додека работел во компанијата „Хера“. Младиот моден креатор забележува дека додека работел во компаниите, креирал пред се класична облека или облека што се носи секојдневно, но откако го отворил своето атеље, почнал да  работи, тоа што му лежи на душа.

-Се пренасочив во оваа област, што некако повеќе ме исполнува и е покреативна. Меѓудругото и емоциите на луѓето се многу важни, на пример, една невеста кога ќе се облече во самиот фустан и кога ќе ги видиш нејзините емоции и задоволство, тоа е нешто што неможе да се заборави и измери како успех. Исплатливоста си доаѓа со тек на времето, да речеме некогаш сум спремен да го изработам и за многу помалку. Меѓутоа клиентите се тие, кои на крајот ќе заклучат што е добро и повторно ќе се вратат кај мене. Значи, ние од самиот старт не можеме да се преценуваме. Нудиме екстремно квалитетна изработка, исклучиво квалитетни материјали, вели Коцев.

Модата на Методи Коцев

Во моментов се е во тренд, но од страна на креаторите треба да биде добро изработено. Методи забележува дека нема некои правила, што е тоа што е модерно. Предност му е и тоа што самиот креира, крое, шие и ги набавува материјалите со кои работи.

-Гледам дека преовладуваат светликавите материјали, актуелни, модерни се и спримки, такви некои детали. Кај боите нема правила. Нормално загаситите бои, окер, црно, сиво, тегет, црно-бели комбинации. Интересни се и комбинациите. Лично самиот избегнувам да практикувам некои јаки колори, но како детали, да, може да вметнам. Инаку повеќе сум во некои минимализми, во однос на боите, вели Коцев.

Во земјава одамна нема базно производство на материјали, ова е еден од проблемите на македонските креатори. Квалитетните материјали ги набавуваат најблиску од Косово, а најмногу работа во набавките им завршува интернетот.

Потребно е да се следат модните трендови, кроеви, како и презентациите на модните дизајнери, но пред се треба да си свој и да оставиш свој белег на тоа што го работиш. Нема некој омилен моден креатор, сепак најмногу му се допаѓаат креациите на Александар Меквин.

Оптимизмот да се остане дома

Методи својот талент и искуство може да го искористи и надвор од државата. Сонот на еден млад човек е да си замине и да заработува во некоја од европските држави,  но тоа не е случај и со Методи, кој како што вели токму поради тоа што  овде се едуцирал и го стекнал модното искуството се главните причини, што не заминува надвор од границите.

-Може да отидам во странство, но тоа би било заради некоја презентација или ревија. Меѓутоа, како квалитет сакам да останам тука и да се трудам да ја кренам модата во Македонија на едни повисоки рамки, со нас на чело младите креатори, додава Коцев

Ниту денар нема искористено од познатите државни субвенции за млади, кои треба да ги поттикнат да отворат свои бизниси и да го работат, тоа што знаат и умеат.

-Отварањето на атељето беше исклучиво моја идеја, моја животна желба и можеби се случи многу набрзина, бидејќи секогаш, кога ќе стане збор за нешто свое имаш чувство на некоја несигурност, нестабилност, во смисла на финансискиот дел. Од државата не, немам никаква помош, се што сум стекнал е со моите две раце, со мојот ум и горд сум на тоа. Постоиме веќе една година и седум месец, во април 2019 година ќе прославиме две години, рече Коцев.

Во градот на текстилот, каде што се креира и шие облека за европскиот пазар, одамна не се организирал моден спектакл.

-Недостасуваат. Една презентација за еден работодавач значи многу, бидејќи тоа е една презентација, која е и добра реклама. Едноставно тоа што се работело преку годината и во текот на сезоните треба да се презентира, но во Штип ги немаме модните ревии, рече Коцев.

Смета дека мал е бројот на млади кои се занимаваат со мода, причината ја гледа во сликата која што со години се создава за текстилната индустрија, а која се поврзува со ниски плати и експлоатација на работниците.

-Самите родители не ги насочуваат младите да продолжат со оваа работа, тука е најголемиот пораз во оваа гранка, за да младите инвестираат во нешто вакво, потенцира Коцев.

Младиов штипски моден креатор смета дека потребна е мотивација и шанса од средината и од модните критичари за да еден талентиран креатор остане во земјава, само на тој начин ќе може да се  покаже својот тален и да се работи тоа што се сака. (МИА)