Манчестер Јунајтед во ѓаволски тешка мисија вечерва во Лигата на шампионите


Минус од два гола, цела „болница“ повредени, суспендирани, па, според, дел од англиските медиуми, и несогласување. Тешко е да се каже што повеќе го оптоварува Оле Гунар Солскјер пред вечерашното гостување кај ПСЖ во реванш осминафиналниот натпревар во Лигата на шампиони.

„Црвените ѓаволи“ загубија на „Олд Трафорд“ со 0:2 во првата средба, а екипата кон Париз тргна без десет стандардни играчи. Во авионот ги немаше повредените Немања Матиќ, Џеси Лингард, Андер Ерера, Алексис Санчез, Хуан Мата, Антони Марсијал, Антонио Валенсија и Матео Дармијан, грипозниот Фил Џонс и суспендираниот Пол Погба.

Затоа норвешкиот менаџер беше принуден да повика дури пет фудбалери од младинскиот погон во мисијата за поништување на двата гола заостаток. Солскјер во експедицијата ги вклучи Брендон Вилијамс, Мејсон Гринвуд, Тахит Чонг, Анхел Гомез и Џејмс Гарнер, сите на возраст меѓу 17 и 19 години.

Во секој случај, Манчестер јунајтед, сепак, се соочува со ѓаволски тешка мисија на „Паркот на принцевите“. Подвиг ќе биде да избегне пораз, за четврт-финале е илузорно да се говори.

Но, Оле Гунар Солскјер упорно тврди дека Манчестер Јунајтед не се откажува, дека многупати досега бил во слична ситуација и успевал да направи историски пресврти во своја корист, па така, побара од своите играчи вечерва да покажат зошто го носат црвениот дрес и најави хаос во Париз ако неговиот тим успее на полувреме да има водство од еден гол.

Менаџерот на „Црвените ѓаволи“ е принуден да го „крпи“ составот, пред се средниот ред, па така за вечерашниот натпревар во Париз се одлучи за следниот состав:

Де Геа – Линделоф, Баи, Смолинг – Шо, Јанг, Фред, Мектомини, Переира – Рашфорд, Лукаку.

Ниту кај ПСЖ ситуацијата не е сјајна кога станува збор за повредените играчи, но Томас Тухел покажа на првиот натпревар дека „Светците“ од Париз располагаат со огромен квалитет во своите редови, иако и вечерва ќе бидат без помошта на првата ѕвезда Нејмар, како и Единсон Кавани. ПСЖ има удобна предност по првиот натпревар и речиси со идентичен состав ќе му се спротистави на Манчестер Јунајтед:

Буфон – Силва, Кимпембе, Керер – Алвес, Бернат, Верати, Маркињос – Дракслер, Мбапе, Ди Марија.

Во вториот меч вечерва, Порто ја пречекува Рома. „Волчицата“ има 2:1 од првата средба на „Олимпико“. На португалскиот тим му е потребна минимална победа за пласман во следната фаза, додека на Рома и одговара било каков пораз со еден гол разлика, доколку ја затресе мрежата на домашниот тим. Тренерите Консеинсао и Ди Франческо се одлучија за следните состави:

Порто: Касиљас, Милитао, Марега, Алекс Телес, Ерера, Корона, Данило, Отавио, Фелипе, Соареш, Пепе.

Рома: Олсен, Карсдорп, Жуан Жезус, Пероти, Џеко, Коларов, Маркано, Де Роси, Заниоло, Нзонзи, Манолас.