Манчевски: За 1.000 денари си го откупив чадорот со кој ме тепаа


Повеќе од три часа траеше распитот во судот на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој беше сведок во процесот за насилствата во Собранието. Тој ги раскажуваше случувањата од ланскиот 27 април. Рече дека бил во прес-салата кога дел од граѓаните што протестирале надвор успеале да се пробијат во ходникот од парламентот. Биле со качулки на главите. Дел од обезбедувањето на тогашниот пратеник Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски се обиделе да ги задржат, но не успеале. Толпата ја пробила вратата и почнала да ги удира пратениците. Него го удирале со сè што ќе им дојде при рака, со клоци, тупаници, боксови, но и со стативи за камери, па дури и со чадор. Добил силен удар во носот, потекла крв.

„Подоцна, за 1.000 денари го откупив чадорот од човекот што ме удираше“, рече Манчевски.

Министерот сведочеше дека бил од десната страна на просторијата, пред него трчале луѓе, се менувале настани и ситуации. Во очи му паднал висок човек, со брада и црна маица на која пишувало „ХОС“, кој бил многу помирен од останатите, не скандирал заедно со толпата, туку со очите го барал Заев. Манчевски забележал дека носи оружје скриено зад маицата во задниот дел од панталоните. Станува збор за обвинетиот Игор Југ.

„Имав впечаток дека и други носат оружје, но не можам конкретно никого да посочам“, зборуваше сведокот.

Манчевски рече дека речиси два часа, додека траеле насилствата, цело време слушале закани по животот, дури и по децата. Бил згрозен како може да постојат такви луѓе. Откако насилниците помислиле дека го убиле Зијадин Села, се израдувале и најавиле дека следен ќе биде Заев. Манчевски е уверен оти таков напад не можел да биде случаен, туку морало да постои добра организација и однапред подготвен план.

Следуваа прашања од одбраната, како и од обвинетиот Игор Југ.

„Очигледно видовте оружје, но не знаете какво, така? Може тоа да биде нож, хебла, пендрек… И како тоа, вие цело време толку повреден, со фрактури, шлаканици, ќотеци и под закани дека ќе ви ги убијат децата, можевте толку прецизно да ме следите и да говорите за дејствијата што сум ги презел?“, прашуваше Југ.

Манчевски му одговори дека не е експерт за оружје, но оти станувало збор за оружје кое може да се стави зад задниот дел од панталоните. Судијката Добрила Кацарска неколку пати мораше да ја смирува атмосферата и препукувањата меѓу обвинителството и адвокатите на обвинетите.

По Манчевски, како сведоци беа повикани пратениците Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Додека траеше сведочењето на Манчевски, тие трпеливо чекаа во и околу зградата на Кривичниот суд. За разлика од минатиот пат, сега немаше приврзаници на обвинетите пред судот. За секој случај, имаше многу полиција.

Во судот се појавија сите 33 обвинети за тероризам, меѓу кои пратеници, поранешни функционери и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски