Македонија ги доби средствата за пругата Бељаковце-Крива Паланка


Република Македонија официјално доби одобрение на 68,6 милиони евра Инвестициски грант – неповратна помош, за Проектот за Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга од Коридор 8, и тоа за втората делница, Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри.

Оваа поддршка на Република Македонија ѝ е доделена во рамките на т.н. „Конективити“ агенда од Берлинскиот процес, што беше најавена уште на Самитот на земјите од Западниот Балкан минатиот јули во Трст.

Претставници на Секретаријатот за европски прашања и Министерство за финансии учествуваа на Управувачкиот комитет на Инструментот за Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF) на кој беа распределени 100 милиони евра како Инвестициски грантови (неповратна помош) на земјите од Западниот Балкан, од кои 68,6 се за Република Македонија.

Како што соопштија од СЕП, дополнително, Комитетот го одобри и Проектот за изработка на техничка документација за автопатот „Стенковец – Граничен премин Блаце“, во висина од 1.010.000 евра. Овие средства треба да се искористат за изработка на документација за инфраструктурен проект и Основен проект за автопатско решение за државен пат А4, како прва фаза за изградбата на автопатот кој ќе го поврзе Скопје со косовската граница.

Македонија, на последниот повик на (WBIF) во ноември, поднесе барање за Инвестициски грантови во рамките на овој инструмент и за уште два други проекти.

Станува збор за Проект за изградба на автопатска делница Кичево-Гостивар-Грант средства за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 20 милиони евра кои би биле наменети за финансирање на дел од градежните работи за патната делница Кичево-Гостивар (делот од Букојчани до Кичево) и Проект за надградба и развој на патиштата – Крива Паланка-граница со Бугарија – Грант средства за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 2,62 милиони евра кои би биле наменети за финансирање на дел од градежните работи за патната делница Крива Паланка – Деве Баир, како и за техничка помош.

За овие проекти веќе се отпочнати преговори за заеми од ЕБОР, а распределбата на грантовите од страна на Управувачкиот комитет на (WBIF) за овие проекти ќе биде во јуни 2018 година.

Регионот на Западен Балкан останува високо на агендата на Европската комисија, за што на овој состанок и официјално се најавија два нови повици за аплицирање на инвестициски грантови во висина од околу 100 милиони евра и техничка помош во висина од 12 милиони евра. Повикот за инвестициски грантови за инфраструктурни проекти ќе биде отворен во текот на 2018.