Крводарителска акција во Крива Паланка – собрани 46 единици крв


На денешната крводарителска акција која се одржа во просториите на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, собрани се вкупно 46 крвни единици.

Акцијата ја реализира Општинска организација на Црвен Крст Крива Паланка во соработка со Институт за трансфузиона медицина Скопје, а традиционално-трета година по ред е посветена на денот на пожарникарите – 20 Мај.

– Ова е трета година да реализираме акција за дарување крв по повод денот на пожарникарството. Ја востановивме како настан со кој ќе дадеме хуман придонес за заедницата, покрај сите 365 дена во работењето посветени во служба на граѓаните, зашто ние пожарникарите сме и спасители согласно Законот за пожарникарство, изјави Иле Коцевски командир на ТППЕ Крива Паланка.

Рече дека денеска крв дариле тројца пожарникари, како и останати 43 граѓани, нивни пријатели и соработници, правејќи ја акцијата успешна.

Ова е втора крводарителска акција во Крива Паланка месецов, по онаа одржана во гимназијата „Ѓорче Петров“ каде беа собрани 90 единици крв.