Кој ќе ја бојкотира Македонија
Ерол Ризаов
Како ќе заврши оваа работа, е најчестото прашање што ми го поставуваат пријателите и моите познајници и читатели. За да не звучам како пророк, возвраќам со прашање: на која работа мислите, на оваа со комарците???!!! Кога ќе дувне посилен ветер ќе ги однесе, одговарам сериозно, криејќи ја иронијата. А бе, какви комарци, мислам на референдумот дали ќе го смениме името, дали ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, или само нè лажат, дали ќе го сочуваме идентитетот, дали ќе нè прекрстат, кое државјанство ќе го имаме, ќе остане ли македонскиот јазик, ќе ни ја бришат ли историјата, како ќе се викаат македонските државни институции, што ќе пишува на македонските производи за извоз, ќе се распадне ли Македонија, зошто мислиш дека бојкотот е чин против иднината на Македонија и уште еден куп прашања во кои според тоа како се поставуваат, најчесто ги препознавам определбите на тие што прашуваат. Натамошниот разговор го потврдува тоа бидејќи прашањата попримаат форма на констатација, цврста убеденост, „ЗА“ или „ПРОТИВ“ или „БОЈКОТИРАМ“.
Во таков случај, разговорот станува залуден и обично води кон кавга. Можете да изберете да ја завртите работата на шега, но и тоа станува опасно. Лесно ќе изгубите долгогодишен пријател, дури и ако сте истомисленици, но во еден миг на вжештена расправа за еден збор доаѓа до инцидент и навреди кои го раскинуваат повеќедецениското другарство. На социјалните мрежи работата е исто толку драматична само што тука фаќањето за гуша е потешко изводливо, што не значи дека при првата средба нема да дојде до судир. Партиските активисти во најсилен состав веќе се вклучени на пропагандните интернет портали и на „Фејсбук“ 24/7. Македонија опасно се дели по живо ткиво по повеќе линии.
Определбата ПРОТИВ договорот со Грција и повикот за бојкот е само маска и силна алатка за манипулација со граѓаните зад која се кријат сосема други мотиви. Се работи за пропаганда која е препознатлива како производ на разузнавачките лаборатории на противниците Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ. Откако е обелоденет фактот, кој шпионските институти веќе го знаат од порано, дека само минорен број граѓани на Македонија го прочитале договорот со Грција, а уште помалку го разбрале, со добри изгледи воопшто да не го прочитаат и да го разберат, тогаш тоа е идеален терен за разузнавачка работа и за месење на тестото со убиствена кампања која навлегува во сите пори на животот.
Тоа нестасано тесто ги смени и плановите на пропагандните центри. На пример, проруските инсталации со познати наши аутсајдери во политиката кои служат за потсмев, преку ноќ станаа неатрактивни откако самите се разоткрија како гнила штица на која згазнала Москва. Таа утка на Кремљ веќе ги најави првите санкции и промени кои се гледаат во дипломатската активност и во разузнавачките дејства на теренот. Големото незнаење и неинформираност што содржи договорот, неговото погрешно разбирање и толкување, предизвикаа медиумите и социјалните мрежи, усните преданија, сиромаштијата и корупцијата и сеењето страв и омраза да бидат главни темели и столбови на кои ќе се потпира анти-НАТО и антиевропската кампања против Македонија, самата да ја бојкотира својата иднина.
Од друга страна, се тркала среде лето голема лавина од соседството. Во Србија се најавува референдум за размена на територии и луѓе со Косово. Новото цртање граници на географски карти секогаш завршувало со крвопролевање, не само на Балканот. Последното кроење на границите со трагичниот распад на Југославија за наследниците на Слободан Милошевиќ очигледно не е завршена работа. Овој пат се јавуваат приврзаници на идејата и во Косово и во Босна, но и во Македонија. Ни се закануваат дека штом ќе почне да игра мечката во комшии, ќе стаса и кај нас. Со промена на границите во јужна Србија и на Косово тоа зло ќе стаса и на нашата врата. Во ваква ситуација најголемиот противник и кочничар на македонските евроатлантски интеграции, претседателот на државата Ѓорге Иванов, заминал на одмор. Човекот изморен од многу државнички активности немал време да разговара со генерали од врвот на НАТО, а ја има должноста да биде врховен командант на вооружените сили на Македонија. Која дилајла е човекот, изигрува херој во стилот ем шуто, ем боде.
Наместо претседателот на државата итно да го свика Советот за безбедност на чие чело стои само како уставна обврска, а ништо досега нема направено за безбедноста на Македонија, си замина на одмор и ги избегна средбите со генералите бидејќи знае што ќе му кажат, а за што тој никогаш немал рационален одговор. Она што во ваква ситуација му налагаше драматичната најава за промена на границите во соседството беше секавичен ангажман на претседателот на државата, Македонија што побргу да стане членка на НАТО. Новосоздадената опасна ситуација му наложува веднаш да ја потпише ратификацијата на договорот со Грција и да го свика Советот за безбедност, да излезе пред јавноста со повик до политичките партии и до парламентот за итно прифаќање на договорот со Грција за што побрз влез на Македонија во НАТО. Тоа е должен претседателот да го направи пред да почнат разграничувањата меѓу Србија и Косово од една страна, но од друга страна, и во Босна и Херцеговина. Настани кои во целиот регион имаат врвен национален и безбедносен приоритет и на кои им се приоѓа со голема сериозност и загриженост. Но, и за голем број влијателни политичари и геостратези во светот, ова е главна тема како нова опасност за дестабилизација на Балканот.
Во една ваква кризна и опасна регионална ситуација, претседателот Иванов ја остава државата на цедило. Јавниот обвинител и Уставниот суд имаат уставни надлежности и одговорности да преземат активности ако потезите на претседателот на државата ја загрозуваат безбедноста на земјата и ако неговото однесување станува недолично. Во такви случаи мора да преземат превентивни мерки.
Христијан Мицкоски, пак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата, додека медитира до 10 септември кога ќе ги соопшти својот став и на партијата, би било добро да размисли малку, покрај за опасноста од цртање нови етнички и државни граници во соседството, и на следнава тема: што ако помине референдумот со излезност од над 950.000 граѓани од кои мнозинството гласале „ЗА“? Ќе пребројува ли тогаш Мицкоски како гласале Македонците и немакедонците, или колку вмровци ја бојкотирале Македонија за да соопшти дека референдумот бил фалсификуван и противуставен. Како оваа референдумска поделба ќе се одрази на Македонија и во иднина, ако стане членка на НАТО и на ЕУ без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Вреди малку да се чукне главата на оваа тема.