Кампањата ќе се финансира од пренамена и заштеди на буџетски средства


Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Владата во текот на целата кампања ќе биде транспаретна, посочи Хоџа, додавајќи оти Владата ги задолжила сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
Владиниот портпарол рече дека при подготовките на планот и програмата за референдумската кампања, ќе се оди според Законот за референдум.
Хоџа посочи оти кампањата ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција.
– Со кампањата ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската унија, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секое министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени, рече Хоџа.
Во врска со досегашната кампања на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев за референдумот, Хоџа рече дека се работи за потрошени средства до сто евра за јавно рекламирање на Фејсбук страницата.
Владата на вчерашната седница донесе одлука да спроведе кампања од јавен интерес за референдумот на 30 септември за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.