Ирина Тошева, моден дизајнер: Заминав, научив, се вратив


Ирина Тошева (29) е само седум години на македонската модна сцена, а веќе е етаблирана со своите ангажирани колекции и модни приказни кои воодушевуваат со оригиналноста. Го најде својот моден пат меѓу потрошувачите, но и организациите и институциите кои знаат да препознаат добра модна идеја, но и успешна реализација.

Тошева има завршено Академиа италијана во Скопје и мастер на истата академија во Фиренца, Италија. Актуелна е како ментор на серијата работилници за одржлив дизајн од текстилен отпад, соработка на Модниот викенд – Скопје и Британскиот совет.

Започна серијата работилници за одржлив дизајн од текстилен отпад и посета на штипските фабрики под твое менторство, соработка на Модниот викенд и Британскиот совет. Дали со ваквите проекти ти се надградуваш или битни ти се младите таленти?

-Учеството во вакви проекти носи голема одговорност. Бара време и подготовка, многу читање, споделување информации и примена на досегашното искуство. Менторот треба секојдневно да ги мотивира младите таленти да експериментираат и да излезат од комфорната зона, со задоволство да научат нови техники на работа, кои во иднина може да ги применуваат и во своите колекции. Правејќи го сето ова, многу учам и се инспирирам и јас.

Што има друго ново кај тебе? Важиш за една од најнеуморните дизајнери која постојано има некоја модна приказна во глава!

– Периодов имам навистина динамична и возбудлива агенда. Пред две седмици бев претставник од Македонија на Ulcinj International Fashion Nights 2018, одржувајќи ревија со преплет од неколку колекции. Оваа недела, пак, гостувам на Балканската конференција за 3Д принтање во Софија, Бугарија, каде што модели од колекцијата „Риза“ се претставени во изложбениот дел на „Additive days 2018“. Кон средината на октомври ќе земам учество на Prishtina Fashion Nights 2018 во Косово, а на почетокот на ноември ќе ја претставам и новата колекција за сезоната есен-зима на Моден викенд Скопје.

Како континуиран учесник на Модниот викенд во Скопје беше препознатлива по креативните ревии кои беа интересни и издржливи. Како оди тој креативен процес кај тебе?

-Презентацијата е „круната“ на модната приказна. Уште при самото создавање на колекцијата, низ главата ми поминуваат мноштво креативни идеи околу тој дел. Во неколку минути треба да го задржиш вниманието на гостите, да ги пренесеш енергијата и пораката, да ги претставиш парчињата на интересен начин и во најдобро светло, да ги доближиш новите технологии и неконвенционални начини на презентација до јавноста, најчесто со ограничен буџет и многу сопки. Покрај визуелниот момент, секогаш настојувам презентацијата да биде проследена и со автентична музичка тема од локален бенд/музичар.

Од која колекција креативно си најзадоволна, а која се покажа како најисплатлива?

-Секоја колекција имала нешто по што била препознатлива и посакувана. Колекцијата „Риза“ пролет/лето ’16 која беше во соработка со архитектот Никола Кунгуловски и MK3D printing би ја прогласила за најуспешна колекција во светски рамки. Две и пол години подоцна сè уште е барана за најразлични саеми и модни ревии, спомнувана на конференции и дел од магистерски тези, објавена на разни јазици во светски медиуми и прогласена како една од „топ 12 3д принтани модни дизајни во 2017“ од 3D Natives. За колекцијата „Дома“ која беше соработка со Ване Костуранов и ден-денес се бара парче повеќе, иако е одамна распродадена.

Имаше колекција инспирирана од  „Дениција“  на Петре М. Андреевски, дури и за трудници. Која нова колекција ти е невозможна мисија?

-Трудниците сè уште не добиле колекција, само парчиња по нарачка. Невозможна мисија ми е трката со времето кое не ми дозволува да ги изреализирам сите идеи. На ум имам неколку концепти покрај регуларните колекции, па се надевам дека ќе ве изненадам наскоро.

Дали ќе учествуваш на претстојниот Моден викенд во ноември?

-Со учесниците на проектот „Модата како дел од еко системот“ ќе се претставиме на Моден викенд Скопје со перформанс во соработка со британската стилистка Ребека Рој. Истовремено, ќе биде претставена и мојата нова зимска колекција.

Зошто не замина во странство? Со твоите идеи најверојатно ќе успееше?

– Заминав, научив, се вратив. Тоа искуство веќе седма година го пренесувам преку своите модни приказни и студентите на кои им предавам. Сопствен моден бренд најдобро се гради дома, а се продава надвор.

Кои се твоите клиенти и фанови? Што се очекува од твоите креации?

– Низ годините се профилирав како дизајнерка во чии креации може да се препознаат сите, независно од возраста или, пак, животниот стил што го негуваат. Создавам мода што не говори повеќе од личноста, туку е тивок медиум што ја надополнува. Моето ателје е креативно збиралиште на моќни и смели индивидуи, кои знаат што сакаат, гласно ги кажуваат своите ставови и размислувања и ме инспирираат во секој поглед.

Се дружиш ли со другите домашни дизајнери? Дали нашата модна сцена е сплотена или така ни се чини?

-Обврските периодов не ми дозволуваат многу приватни дружби, но поддршката и почитта кон колегите ми се огромни. Се радувам кога ќе ги видам на моја ревија, ќе прочитам за нечиј успех, ќе наздравиме или ќе се пожалиме за нешто на некој настан. Пазарот е мал, но има место за сите. Модната сцена треба да ја градиме заедно и да работиме сплотено за да поставиме некои стандарди.

Како гледаш на веста што и Версаче заминува во историјата? Комерцијалното е, сепак, над креативното?

-Не сметам дека заминува во историјата, туку, напротив, ќе се работи на негово доближување до младата генерација. Големо вложување во маркетинг и онлајн продажба, така што се надевам дека нема да има на крај комерцијален исход.

На кој светски дизајнер му се восхитуваш?

-Не би можела да издвојам фаворит, но се восхитувам на „новата генерација“ дизајнери како Марине Сере (Marine Serre).

Кој моден центар би сакала да го посетиш за време на модна недела?

-Благодарение на моќта на интернетот, сè полесно можеме да ја „опипаме“ атмосферата за време на модните недели во светските метрополи, да следиме во живо што се случува на сцената, зад сцената, на улицата пред ревијата. По Милано и Париз, следен на листата на желби ми е Њујорк.

Дали сметаш дека модата е преценета или потценета?

-Модата кај нас, за жал, е сведена на облека за свечености и прослави. Голем дел од купувачите не знаат што е масовно производство, а што уникатно парче и која е разликата меѓу дизајнер и шнајдер. Ни фали модна едукација.

Која е Ирина приватно?

-Девојката со шарени јакни и патики, која сака да ги вдоми сите бездомни кутриња во земјава, (гратис) да ги гушне сите огорчени луѓе и да го обои сивилово во кое живееме.

Лејла Сабит          Фото: Миладин Паповиќ и Марјан Петковски