Изложба „Подарени дела од Чехословачка“ во МСУ


Музејот на современата уметност (МСУ) вечер од 18 часот ќе отвори изложба насловена „Подарени дела од Чехословачка“. Ќе бидат претставени 65 дела (слики, графики, скулптури и цртежи) кои се дел од неговата колекција. Куратор е Марија Бочварова-Плавевска.

Во периодот на очекуваната транзиција и одбегнувањето на директната конфронтација со советскиот режим, особено за време на Прашката пролет 1968 год. (се одбележува и нејзината 50-годишнина) Националната галерија во Прага се реши да одвои важен дел од сопствената релевантна колекција (12 дела), за да ја дополни тогаш младата колекција на МСУ, Скопје. (денес во колекцијата се наоѓаат 265 дела од 92 автори од Чехословачка).

Сепак, акцентот е ставен на годината кога е формирана заедничката држава Чехословачка, 1918 година што значи годинава е 100-годишнина, но не како заокружена прослава на бившата заедничка држава, бидејќи во 1993 година по мирен пат тие се разделија (Чешка и Словачка).

На отварањето на изложбата во МСУ е најавено присуството на амбасадорите на Чешка и на Полска во Македонија, Мирослав Томан и Хенрик Маркуш.