Заев: Снимката за „Поткуп“ објавена на Јутјуб е прекинувана


Премиерот Зоран Заев по денешното рочиште во Кривичниот суд на кое се гледаше скратената снимка што беше објавена на Јутјуб, рече дека Судот констатира оти на три пати снимката се прекинува.

– Токму тоа се деловите кои што ги видовме преку презентацијата на целата снимка, како се разговара и објаснува дека сето ова ќе оди за цемент,  тули, за железо, за струја, за работна сила… Овде е јасна намерата на оној што тоа го објавил во јавноста да направи комплетна дискредитација и валкање на моето лице, рече Заев.

Тој истакна дека му е мило што целиот процес преку доказната постапка бил разобличен, како во делот на испрашувањето на сведокот така и во делот на неговото испрашување како обвинето лице.

Во контекст на тоа додаде дека од страна на одбраната биле доставени над 70 докази и оти верува дека и преку завршните зборови на адвокатите на 15 мај кога е закажано последнното рочиште ќе биде завршен овој предмет и конечно да се докаже правдата.

– Голем дел од граѓаните знаеја дека ова е местенка и оти е само за да се спречи проектот „Вистината за Македонија“ и политичките бомби. А денеска по поврзувањето на доказните постапки на целиот овој процес и коментарите објавени во медиумите и порталите повеќе од јасно е дека се работи за монструзоно смислена цел некој да се спаси за да остане подолго на власт, истакна Заев.

На новинарско прашање премиерот рече дека бизнисменот Иван Николов е клиент на менувачница „Пеон“ каде работи неговиот брат Вице Заев и на снимката, како што додаде, тие разговараат дека ако парите со кои бизнисменот сака да купи градежни материјали за црквата се во евра може да ги замени во менувачницата.

– Иван Николов е клиент на менувачницата „Пеон“ каде што работи брат ми. И тука се разговара ако се во евра парите за црквата  што ќе правиме.  Јас му велам ќе ги смениш во менувачницата и ќе купиш цементо, бетон, железо, тоа е твое право. Колку милуваш да донираш. Тоа е меѓу тебе и Господ, рече Заев.

Рочиштето за завршни зборови е закажано за 15 мај. Обвинителката Валентина Бислимовска бараше рочиштето да се помести за покасно бидејќи и требало време да го разгледа предметот и да се подготви за завршните зборови.

Судијата Дарко Тодоровски кажа дека поради распоредот на судиите не можат да го поместат рочиштето, со што остана однапред закажаниот датум – 15 мај.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.