Жителите на Радиовце и Жеровјане на протест против загадувањето


Жителите од селата Радиовце и Жеровјане денеска протестираа против дивата депониjа што се наоѓа во близина на нивните села која често пати гори, а непријатната миризба и чадот завршуваат во нивните домови. Тие бараат од општините Боговиње и Брвеница, веднаш да ја дислоцираат депонијата во спротивно ќе протестираат секој ден и ќе почнат да блокираат патишта.

Јакуп Мустафи од село Радиовце, за МИА изјави дека жителите на селото не се во можност да отворат прозорец од своите домови, зашто ги труе чадот и лошата миризба.

– Се плашиме да ги пуштиме надвор децата да си играат и дека ќе добиеме некаква болест од ова загадување што ни се случува последните денови, рече Мустафи.

Од општина Боговиње велат дека се работи за некои лица кои намерно го палат сметот на отворената точка за претовар на сметот.

– Ќе направиме се што е во наши раце да се најдат и да се казнат. Често пати ни се случува оваа, сме пријавиле и во полиција да преземаат мерки, велат од општината и посочуваат дека имаат одвоено средства за изградба на затворена точка за пренос на сметот.

– Депонијата ја затекнавме кога го презедов мандатот и одлучивме да ја тргнеме и да изградиме нова точка за пренос на смет, од која нема да има ни лоша миризба, а ни можност да ја палат непознати луѓе, како што ни се случува сега, изјави Албон Џемаили, градоначалник на општина Боговиње.