Експерти од Северна Ирска помагаат за Северна Македонија


Познатата фирма за стратегиски комуникации од Северна Ирска, „Стратагем интернешнл“, ќе ѝ помага на Владата во спроведување на кампањата од јавен интерес за референдумот да биде успешен.
Двете страни, како што потврдуваат од Владата, деновиве потпишале меморандум за соработка за консултантски услуги кои ќе овозможат успешна јавна комуникација со граѓаните базирана, како што велат, на принципите на објективност, транспарентност и рационалност. Советите од странците треба да помогнат  во насока на обезбедување фер и кредибилен референдумски процес. За услугите Владата нема да издвои ниту денар од буџетот. Финансискиот товар, според информациите, ќе падне врз грбот на амбасадата на Велика Британија.
Од она што може да се прочита од интернет-страницата на „Стратагем“, станува збор за стратегиски консултант за политички работи и комуникации со богато искуство во работењето низ целиот свет. Специјализирани се за сложени и несигурни средини.
Нивната понуда, како што  посочуваат од компанијата со седиште во Белфаст, се базира на искуства и разбирање – оние што живееле, работеле и успеале во несигурни и сложени средини најдобро можат да им помогнат на клиентите во разбирањето и навигацијата во такви слични простори.
Оваа фирма дејствувала во постконфликтни земји како Палестина, Сирија, Косово, Пакистан, Ирак, Нигерија, Авганистан. Како најсветла точка во нивната биографија, од каде што и почнува практично рапидно да расте нивната репутација, е агитирањето и водењето на кампањата за прифаќање на Договорот од Велипеток 1998 година (YES Campaign on the Good Friday Agreement). Потоа следуваат учества во кампањи и во други земји – Кипар 2004, Шкотска 2014, Турција 2017, Курдистан 2017.
Партиципирале и во мировните преговори на Блискиот Исток, поточно тесно соработувале со преговарачки тим советувајќи го и обучувајќи го пред разговорите од тактички и стратегиски аспект.
„Нашите клиенти имаат различни потреби, различни цели. Имаме услуги и вештини за да ви помогнеме да ги постигнете своите цели без оглед на комплексниот предизвик“, велат од компанијата.
Во својот промотивен дел  „Стратагем“ нагласува дека обезбедува специјализирани услуги базирани во три широки насоки на работа: истражување и анализа (проценка на интересите, ставовите, пречките, динамиката на средината), ангажирање (посредување и отстранување на бариерите за промени) и влијание (планирање и испорака на кампањи со висок ефект).
Експерти од консултантската фирма веќе го „снимија“ предреферендумскиот амбиент во земјава. Пред нешто повеќе од еден месец двајца од нив беа во посета на Македонија. Тие контактираа со претставници од Владата, но и со дел од цивилното општество, интелектуалци, новинари, бизнис-заедницата…
Од соговорниците, според информациите, се обиделе да дознаат за расположението кај граѓаните, за тоа во кој обем и на кој начин во јавноста биле претставени целите на договорот со Грција, како и позитивните ефекти што треба да произлезат од успешниот референдум.
Претежно внимателно ги слушале соговорниците, а помалку зборувале. Она што го кажале е дека станува збор за сложен процес, точката дека минатото и сегашноста се во сферата на познатото, а иднината, сепак, спаѓа во категоријата на непознатото… Во таа насока, го споменале својот успешен ангажман во кампањата пред 20 години за прифаќање на Договорот на Велипеток. Тогаш, практично, е решен северноирскиот судир, кој во современата фаза трае од 1969 година.
Компромисот и таму, исто така, беше болен. Република Ирска требаше да се откаже од членот два во уставот напишан во 1937 година кој содржеше иредентистичка порака: „Националната територија се содржи од целиот остров Ирска, неговите острови и територијални мориња“. Граѓаните на Република Ирска се изјаснуваа на референдумот дали се за промена на овој член со амандман со кој државата се откажува од барањето за целокупност на островот. Излезеноста беше 55,6 отсто, а гласот „за“ 94,4 отсто. Жителите на Северна Ирска се изјаснуваа на друго прашање: „Дали го поддржувате договорот склучен на повеќестраните разговори за Северна Ирска кои се усогласени со Командниот документ 3883“. Одѕивот таму беше 81,1 отсто, а поддршката 71,1 отсто.
Со договорот од Велипеток насилството во голема мерка е решено, а на Северна Ирска ѝ овозможи формирање сопствена влада. И натаму постојат искушенија (со оглед на тоа што Партијата за демократско обединување  останува силно посветена на одржување на Северна Ирска во составот на Велика Британија, додека социјалистичкиот Шин Фејн, политичкото крило на сега угасената паравоена група ИРА, и натаму сака таа покраина да стане дел од Ирска), но, сепак, визијата на ирските лидери за многумина претставува еден од најдобрите примери како се освојува иднината.
Наум Котевски