Економски раст и политичка неизвесност не одат заедно
Само што почна да расте, политичката неизвесност предизвикана од референдумот се заканува да ја парализира економијата, доколку потрае. Дотолку повеќе што во турбулентни времиња Владата ниту може ниту смее да прави покрупни зафати во политиките.
Новонастанатата ситуација ја продолжува неизвесноста, која негативно влијае врз бизнис-окружувањето, укажува универзитетскиот професор Марјан Петрески забележувајќи дека ваков исход од референдумот не беше сосем исклучен.
„Затоа верувам дека бизнис-секторот веќе размислувал за стратегии во ваква ситуација. Фокусот на Владата ќе остане врз политичките прашања уште некое време, што имплицира дека економијата како тема и понатаму ќе остане потисната“, смета Петрески посочувајќи дека владата во овој период не смее да презема чекори кои би значеле нагли промени во курсот на политиките.
„Откако сето ова што се случува на политичката сцена ќе се стиши, најпрво ќе е потребно да се врати довербата во институциите и кредибилноста во креирањето на политиките, па дури потоа да се размислува за некакви значајни промени“, вели д-р Марјан Петрески, проректор за научно-истражувачка работа на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје.
И Стопанска комора на Македонија бара политичката ситуација по референдумот да се разреши брзо и едноставно, за да може да се достигне планираниот економски раст од 3,2 отсто и да нема негативни последици врз деловниот сектор.
„Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината, потребна ни е стабилност во функционирањето на институциите. Очекувањето е колку може поедноставно и побрзо овој процес да се заокружи за да не се предизвикаат негативни последици по натамошниот економски раст. Во минатото беше евидентно, и тоа го покажуваа сите статистички показатели, дека во услови кога имаме избори и одредени кризи, стопанството не е имуно и се доведува во пад или стагнација“, истакна в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева-Ѓуриќ.
Став на Комората е дека политички турбуленции би предизвикале проблеми врз производството и инвестициите.
„Од минатогодишниот раст на економијата од 0,1 процент, влеговме во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат и кумулативно имаме раст на БДП од 1,6 процент во првото полугодие, а само во вториот квартал 3,2 отсто. Далеку сме од економска стагнација, но доколку сакаме да го постигнеме проектираниот раст од 3,2 проценти треба да постојат реално такви состојби на пазарот и да нема непредвидени движења на домашната сцена или од надворешни фактори“, објасни Пеева Ѓуриќ.
Анита Салтировска