Екомода од Македонија: Патот води во Штип
Моден викенд Скопје и Македонско Модно Здружение, в недела, организираат моден перформанс #sustainablestorymk – Наши први експресии, во Штип. Ќе бидат презентирани капсулни колекции созададени од текстилен отпад од страна на младите дизајнери- учесници на проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна” (#sustainablestorymk) под менторство на Ирина Тошева.
Станува збор за соработка меѓу студентите, новите талентирани дизајнери, текстилната индустрија во Македонија и поканети модни практичари од Велика Британија со цел да најдат најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот. Сите кандидати имаа задача да создадат одржлив моден дизајн од текстилен отпад а нивниот производ треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја.
Проектот е во соработка и со Министерството за економија на РМ, со поддршка од Министерството за култура на РМ во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“ и Британскиот совет.
Во втората фаза учесниците ги менторираа и гости од Велика Британија бидејќи одржливата мода е возможна и усовршена од многу британски модни етикети. Целта се сертифициран органски памук, бавно производство, одржливи ткаенини, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.
Иницијативата започна во септември годинава, со континуирани активности и презентација на првиот дел од проектот закажан за октомври во Штип-центарот на текстилот во Македонија.
Цели на пректот се развој на професионални вештини, поддршка на млади креативци, нивно советување и едуцирање со цел поуспешна идна карирера, поттикнување на соработка меѓу модната и текстилната индустрија, регионална и интернационална промоција на земјата, решенија за општествените проблеми и нашиот заеднички придонес за животната средина.