Дуа Липа сепак не доаѓа во Македонија за референдумот


Британската поп-ѕвезда со потекло од Косово Дуа Липа сепак не доаѓа во Македонија за поддршка на референдумот. Нејзиното име проструи низ етерот како висока гостинка од светскиот шоубизнис, по примерот на гостите од високата дипломатија од Европа и светот.

Скопје стана главен град на дипломатијата по посетата на германската канцеларка Меркел, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан, шефот на германската дипломатија Хајко Мас, генералниот секретар на НАТО Столтенберг, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, американскиот секретар за одбрана, премиери и министри во владите на најсилните европски земји.

-Владата не планира поп-пејачи од странство за поддршката ЗА европска Македонија и за претстојниот референдум на 30 септември, ни изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Во јавноста е актуелен спотот за песната за поддршка на Европска Македонија во кој се вклучија Виолета Томовска, Драган Спасов-Дац, Тијана, Тамара, Дани, Лоба, Кристина Арнаудова, Златко Ориѓански, Бени Шакири, Бубо Каров, Владо Јаневски, Гиш… Во спотот македонските пејачи и актери порачуваат дека е време за мудар избор и вистинска одлука.

„Излези ЗА европска Македонија“ ја подели естрадата за и против, предавници и патриоти. (Л.С.)