Двајца албански државјани фатени со 33 килограми марихуана
Кривична пријава и 30-дневен притвор добија двајца државјани на Албанија, С.С.(36) и А.Т.(24), осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Како што соопшти МВР, тие набавиле вкупно 33,4 килограми опојна дрога марихуана и ја спакувале во 47 најлонски пакетчиња. Ја ставиле во две патни торби и од Албанија се упатиле преку Македонија со намера дрогата да ја транспортираат во Грција.
Ноќта меѓу петокот и саботата (19-ти и 20 јануари) околу половина час по полноќ, полициски службеници од полициската станица на граничниот премин „Меџитлија“, по претходно добиени оперативни сознанија за неовластено вршење транспорт на поголема количина марихуана, презеле оперативно-тактички мерки и во село Лажец, во близина на тамошната црква, ги забележале двете лица како пеш се движат со две патни торби.
Кратко потоа С.С. и А.Т. биле фатени со двете торби – во торбата на првопријавениот имало 17 најлонски пакувања, а второпријавениот бил затекнат со патна торба со 30 најлонски пакувања опојна дрога марихуана.
– Од извршената анализа е утврдено дека се работи за вкупно 33,423 килограми марихуана. Од страна на Судија за претходна постапка при Основен суд-Битола, на двајцата пријавени одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена, соопшти МВР.