Д-р Ангелчо Андоновски, детска болница „Козле“: Тестирањето за алергии се прави и кај најмали деца
Со почетокот на пролетта и појавата на полен во воздухот, се јавуваат и проблемите со алергиите. Алергиските реакции стануваат глобална епидемија на светско ниво и од тоа ни Македонија не е исклучок. Педијатарот д-р Ангелчо Ангеловски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, советува како родителите да препознаат дали детето има алергија и што да преземат.
Пролетта е обично време на алергиски реакции. Како тие се одразуваат на децата и дали имате зголемен број деца со алергии што се лекуваат во Козле?
– Овој период што претстои е период на алергени, ние како педијатри знаеме што да очекуваме и сме подготвени за тоа. Моментот на алергени што се појавува во нашата околина е постојан и присутен, и ќе биде таков еден извесен период. Имаме фотосензибилност како алерген од самото сонце, тука се моментите на полен, на алергени од тревата, од разни цвеќиња, од прашина, од животински влакна… Во Институтот има Центар за алергии и ги правиме сите кожни, инхалациски и нутринативни испитувања за алергии. Во моментов во Институтот се лекуваат 70-ина деца и 45 мајки кои се со нив. Но тоа не се само од алергии, туку имаме и бронхоопструкции или пневмонија поради вирусна или бактериска инфекција.
Кои се најчести видови алергии, од оние што ги набројавте?
– Во овој период од годината тоа се поленот и алергиите од самата трева. Сега децата се почесто во природа и се изложени и на полен и на трева. Сѐ уште ги немаме алергиите предизвикани од убод на инсекти или од сончевата светлина, од самиот процес на фотосензитивност.
Кои се симптомите што можат да покажат дека станува збор за алергија?
– Еден родител треба да препознае појава на црвенило, чешање и на вознемиреност кај детето. Тоа се првите реакции. Потоа следуваат кожните реакции во вид на пликови или осип. Тие можат и моментално да се појават. Ако станува збор за алергија на полен, прво се јавува кивање, црвени очи, конјуктивит на очите. Доколку е позната алергија кај детето, родителите можат сами да го третираат според советите што им ги дал лекар. Ако станува збор за непознат алерген, треба да дојдат во Институтот за да го тестираме малиот пациент и да направиме испитувања.
Од која возраст можат да се прават кожните тестови?
– Утврдувањето на алергијата може да настане во повисока возраст. Но тестирањето може да се направи и од најмала возраст. Почесто се случува родители да дојдат со податок дека на детето постојано му е затнато носето или постојано кива, а нема инфекција ниту лабораториските параметри се зголемени. Тука веќе има сомнеж за алергија, освен ако оториноларинголог не утврди дека станува збор за некаков дефект. Тогаш правиме имунолошки и алергиски испитувања, кои ќе ни укажат дали постои и од што се појавила алергијата.
Колку трае лекувањето?
– Некогаш трае многу кратко, но може да биде и многу долго. Кога станува збор за алергии кои се од кожен тип, се користат антихистаминици или кортикостероиди. Кај инхалаторните алергии, кои можат да предизвикаат компликации како бронхоопстукции, ларингит, па дури и астма, веќе се користи и заштита, комплексни кортикостериоди кои му помагаат на организмот да го победи „пикот“ на алергиите во самата средина.
Зошто алергиите се во пораст?
– Има повеќе причини, но јас ќе ги кажам оние што се најударни за нашето поднебје. Прва и основна причина е тоа што го носиме во нас, а децата го наследуваат. Потоа, тука е и загадувањето на животната средина, и тоа не само на воздухот, туку и во храната, состојки на одредени продукти, додатоци во суплементи. Сите тие додатоци или конзерванси можат да предизвикаат промена во имунолошкиот одговор на мало дете, па подоцна доаѓа до пад на имунитетот и појава на алергии. Загадувањето на воздухот предизвикува хемиска реакција која ги прави поосетливи белите дробови и дишните патишта. Тоа предизвика децата да станат почувствителни и да дојде до поголем број на алергии во нашата популација.
Загрижува ли процентот на алергични деца во Македонија?
– Процентот на појава на алергии кај децата во нашата држава е ист како светскиот и европскиот просек. Бидејќи сме мала држава, па може да кажеме дека алармантно е присуството на тие алергии кај нас. Но, сепак, ќе кажеме дека бројките се во рамки на светските и на европските стандарди.
С.С.З.