Граѓанските организации бараат итно усвојување на законот за спречување на дискриминација


Итно изгласување на законот за заштита и спречување на дискриминација на денешната собраниска седница побараа на протест пред законодавниот дом претставници на граѓански организации, здруженија и платформи.

 

-Законот повеќе од осум месеци е заглавен во Собранието и покрај јавното ветување од СДСМ дека ќе се донесе во најкус рок. На последната седница претседателот на Собранието без никакво образложение го тргнал законот од дневен ред. Со ова Собранието уште еднаш потврди дека граѓаните не им се приоритет“, рече Елена Петровска од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

Затоа, како што рече, ги повикуваат пратениците од најголемите политички партии од мнозинството – СДСМ и ДУИ итно да го донесат законот на денешната седница, а ја осудуваат реториката која во врска со законот ја користат нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ.

Учесниците на денешниот протест сметаат дека со новиот закон што треба да биде изгласан ќе се надминат постоечките недостатоци во претходниот закон, кои излегле на површина со неговото спроведување, и тоа во делот на воведување пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, зајакнување на независноста на Комисијата за заштита од дискриминација и овозможување неформални групи да поднесат претставка во име на граѓаните.

„Шовинисти не можат да штитат од дискриминација”, „Амнестија-неветено остварено, недискриминација-ветено неостварено”, „Стојте си на зборот, усвојте го законот”, „Бидете пратеници за сите граѓани”, „Усвојте го законот и започнете со спроведување”, беа дел од пораките што преку транспаренти учесниците на протестот ги упатија до пратениците.

Во меѓувреме, собраниската служба соопшти дека законот за заштита и спречување на дискриминација е единствена преостаната точка на дневниот ред на 90 седница што треба да биде денеска во 14 часот.сст