Во Скопје трка на бизнис секторот
Во Скопје денеска ќе се одржи Business Run 2018, штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор.
Во трката учествуваат компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и останати субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во Македонија.
Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови ќе бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга 8 километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.
Минатата година најбрз беше тимот на Министерството за финансии предводен од министерот Драган Тевдовски, втор беше тимот на Seavus, а третото место го освои екипата на Телеком.
За сите учесници на трката, претходно се организира нетворкинг забава за запознавање и дружење, која иницирана од трчањето може да донесе нови деловни релации за бизнис заедницата во нашата земја.
Најбрзите три тимови на Business Run 2018 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, како и со вредни подароци за тимот, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг.Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.
Стартот е закажан за 10 часот, на рекреативната патека на кејот на Вардар кај хотел Парк.
Организатор на Business Run 2018 e здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје.