ВМРО-ДПМНЕ со предлог за „цементирање“ на пратеничкиот имунитет


Имунитетот на пратениците да се одзема со двотретинско мнозинство гласови и да се остави простор за негова реституција, односно за враќање.
Тоа, според наши информации, е еден од предлозите за кои не можат да најдат заеднички јазик парламентарните партии во работната група за измените на собранискиот Деловник, за кои ќе се дискутира на претстојната средба во Охрид во рамки на процесот „Жан Моне“.
Предлогот во врска со процедурата што се однесува на имунитетот на пратениците е на ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ е неприфатливо да се оди на промени, со образложение дека пратеничкиот имунитет е уставна материја. Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека за одземање на имунитетот треба да важат слични критериуми како и за одземање мандат на пратеник – за што се потребни минимум 80 гласа во ситуација кога Собранието има 120 члена. Наспроти тоа, за одземање на имунитет на пратеник е доволно апсолутно мнозинство од најмалку 61 глас.
Опозициската партија исто така смета дека треба да се остави можност за враќање на имунитет на пратеник под одредени услови, а во текот на кривичната постапка против него. Образложението е дека е логично парламентот да може да одзема и да враќа имунитет, ако се има предвид дека пратениците имаат право да именуваат, ама и да разрешуваат функционери или да носат закон и да изменуваат закони…
Прашањето околу имунитетот се отвора откако кон крајот на минатата година шестмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беа притворени за учество во настаните на 27 април минатата година. Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Сашо Василески останаа без имунитет, за што гласаа 67 пратеници во сегашниот собраниски состав. Тоа беше причина ВМРО-ДПМНЕ да објави бојкот на парламентот. Против петмина од пратениците сега се подигнати обвиненија за терористичко загрозување на уставниот поредок, а тројца од нив се сѐ уште во куќен притвор.


Во извештајот на народниот правобранител за минатата година е констатирано прекршување на правото на пратенички имунитет и пресумпција на невиност при апсењата за настаните од 27 април од страна на полицијата. Од друга страна, во извештајот се посочува и на непрофесионално постапување на полицијата во справувањето со насилствата за време на „крвавиот четврток“ во парламентот.
Превенирањето во иднина на настани како на 27 април 2017 година или на 24 декември 2012 година е главната причина поради која се подготвуваат измените во Деловникот, на што инсистира Европскиот парламент, како иницијатор на дијалогот „Жан Моне“. Една од повпечатливите измени за кои постои согласност меѓу мнозинството и опозицијата е конститутивната седница да трае максимум еден плус два дена (еден за верификација на мандатите и два за избор на спикер), за да не се повтори ситуација како со Талат Џафери, кога од конституирањето на парламентот до изборот на претседател поминаа безмалку четири месеци, што беше причина за настаните на 27 април. Со конститутивната седница би претседавал најстариот пратеник од новиот состав или некој од следните по возраст. Меѓу пратеничките групи, според информациите, има усогласеност и околу продолжување за неколку дена на амандманската расправа за буџетот, за зајакнување на надлежностите на собраниските потпретседатели – особено на тие од опозицијата, за кратење на роковите за интерпелација против функционери избрани од парламентот – за да се избегне нејзино заборавање во фиока…
Затоа, пак, освен за пратеничкиот имунитет, тешко оди усогласувањето околу барањата на опозицијата за обезбедување независен собраниски буџет и независна собраниска администрација. Соговорници од опозицискиот табор оценуваат дека тоа е главно поради притисокот на извршната власт на која не ѝ е во интерес да обезбеди целосна независност на законодавниот дом.
Пратеници од сите партии ќе дебатираат за новите собраниски правила од 17 до 19 мај во Охрид, зад затворени врати, а во присуство на европарламентарците кои беа вклучени во олеснување на политичките преговори во Пржино во екот на кризата. На работната вечера на 18 мај се поканети лидерите на парламентарните партии, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, како претседател на СДСМ, Христијан Мицковски – ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети од ДУИ.

Министрите на двочасовен „распит„ кај опозицијата

Со измените на Деловникот се предвидуваат новини и во делот на пратеничките прашања, со тоа што на опозицијата би ѝ се оставил поголем простор за „распрашување“ на министрите. Така се планира дополнителна седница во текот на месецот за пратенички прашања, покрај редовната – секој последен четврток во месецот. Дополнителната седница би траела околу два часа, така што само пратеници од опозицијата ќе можат да им поставуваат прашања на членовите на Владата.
Оваа новина се воведува по принципот на британскиот парламент, каде што министрите секоја среда „реферираат“ пред Долниот дом на парламентот и каде што се развиваат жестоки дебати во рамки на редовните седмични седници за пратенички прашања. Еден од предлозите за македонскиот парламент е дополнителните два часа за пратенички прашања да бидат тематски, така што прашањата би им се поставувале на еден или на неколку ресорни функционери од извршната власт. Другата варијанта е да може да се поставуваат прашања на целата Влада.
Што се однесува до редовната седница за пратенички прашања, намерата, според нашите информации, е од нејзината агенда да се тргнат прашањата поставени по писмен пат, за да има повеќе време за пратениците да прашуваат на самата седница. Прашањата поставени по писмен пат, пак, би се објавувале на интернет-страницата на парламентот, на видливо место. Александра М. Митевска