Вардар подобар од Металург во македонското дерби во СЕХА лигата


Вардар го совлада Металург со 34:28 на првиот натпревар во новата сезона од ракометната СЕХА лига.

„Црвено-црните“ ја оправдаа фаворитската улога, иако Металург беше рамноправен противник во македонското дерби од регионалната лига. Во почетните дваесетина минути од натпреварот воглавно се играше гол за гол. Од средината на првото полувреме Вардар успеа да направи предност, која ја задржа до крајот на првиот дел и на паузата замина со водство од 17:15.

И во вториот дел Металург продолжи да врши притисок врз голот на Врадар, а во 38-та минута стигна и до израмнување 20:20. Но, ракометарите на Вардар успеаја се консолидираа и повторно воспоставија предност. А веќе од средината на второто полувреме имаше пад во играта на Металург, а Вардар и покрај двајца исклучени ракометари, успеа резултатски да се одвои и на десет минути пред крајот имаше предност од 31:24, која ја задржа до крајот на натпреварот и обезбеди победа.

Рожерио Мораеш со осум гола беше најефикасен во составот на Вардар, а Тимур Дибиров реализираше пет, но натпреварот го заврши на трибините откако доби црвен картон во 42-та минута по некоректната реакција со Бојан Маџовски, кој претходно го фаулираше Даинис Криштопанс.

Кај Металург  најпрецизен беше Халил Јагањац со шест гола, а Томислав Јагуриновски и Филип Кузмановски завршија со по четири погодоци.

Најдобрите македонски ракометни клубови новата сезона ја започнуваат со изменет играчки состав, но и со нови имиња на тренерските позиции.

(Фото: rkvardar.mk)