Балетскиот танчер Марко Мицов автор на македонската порака за Меѓународниот ден на танцот
Меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, годинава слави јубилеј 70 години од своето постоење и делување (1948-2018). Танцовиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ за оваа 2018 година, го избраа младиот и успешен Марко Мицов, балетски танчер кој живее и работи во САД, за автор на македонската театарска порака по повод 29 Април – Меѓународниот ден на танцот.
Во пораката младиот Мицов говори како тој го доживува танцот во однос на животот, во однос на светот.
-Танцот дава смисла на животот, дава неисцрпна енергија, дава мотив за создавање нови дела кои причинуваат непроценливо задоволство. Танцот е мој сон, кој вечно ќе го сонувам. Тој е извор на енергија и задоволство, тој е наш вечен пријател. На овој голем ден, на овој јубилеј сакам да порачам дека танцот е непроценливо богатство на човештвото. Танцот не зближува и припаѓа на сите луѓе во светот подеднакво. Ние танчерите и сите други да го правиме танцот стил на живеење, светски гласник на мирот, гласник на еднакви можности и еднаквост за сите во сите делови на земјината топка. Како танчер имам желба оваа порака да стаса до народот на Сирија, вели меѓу другото, Мицов во својата порака.
Тој изразува и жалење што досега од Македонската опера и балет го немаат покането и ангажирано на проект. На американците, вели, им е необично што толку талентиран танцов уметник доаѓа, студира и настапува во САД без референции за претходни професионални, сценски настапи во Македонија (вон образованието на Факултетот за музички уметности/УКИМ, Скопје).
По повод јубилејот на Меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, регионалните центри на ИТИ во Европа, Африка, Азија, Америка и Арапскиот центар на ИТИ организираа повелби за пет заслужни театарски уметници-танчери, кореографи од светот.