Астматичари и срцеви болни, внимавајте!


Ниските температури во зима имаат свои предности и недостатоци кога станува збор за здравјето на луѓето.

Медицинските статистики покажуваат дека во зима двојно се зголемуваат срцевите напади, полесно доаѓа до постоперативни компликации, зачестуваат нападите на асма. Кај децата, како сезонска болест се јавува кашлица, се интензивираат бактериските и вирусните инфекции.

Ако нашето тело подолго време е изложено на студ, тоа реагира така што ги стеснува крвните садови во кожата, носот, ушите, рацете и нозете, за повеќе крв да се насочува кон виталните органи срце и мозок. Тој процес има своја цена, бидејќи екстремитетите, носот и ушите најбрзо се ладат. Ова може да се одрази на срцевите болни бидејќи тогаш срцето работи под зголемен напор за да ја одржи циркулацијата.

 

Кај подолгата изложеност на ниски температури се собираат и крвните садови на некои витални органи, меѓу кои важни се артериите на срцето и на мозокот. Затоа студот е еден од можните фактори за настанување на „ангина пекторис“ и мозочна слабост, појавата на ненадејна смрт како последица на инфаркт.

Дијабетичари – внимавајте на инфекции 

Лицата кои имаат дијабет, односно таканаречена „шеќерна болест“, во овој период се повеќе склони кон инфекции.  Затоа е потребно поголемо внимание да се посвети на обувките, бидејќи како честа компликација на оваа болест се јавува таканареченото „дијабетско стопало“. Обувките мора да се удобни, никако тесни, бидејќи во таков случај можат да настанат дури и незабележливи рани кои можат да доведат до сериозни компликации. Ако е многу ладно време, овие пациенти треба да останат дома и да се придржуваат до диеталниот режим на исхрана.

Во ладните зимски денови често се јавува и течење од носот, што може дополнително да се искомплицира со воспаление на средното уво и на грлото. Овие болести се јавуваат обично како последица на веќе ослабениот имунитет што настанува поради недоволно внесување витамини, подолг престој во затворен простор, слаба изложеност на сонце…Студот ја ослабува периферната циркулација, а смалувањето на протокот на крв значи и помала застапеност на белите крвни зрнца кои го бранат организамот од инфекции. За да се намалат овие воспаленија, потребно е носот да го заштите со шал, за да се вдишува загреан воздух, а капата да ги штити челото и ушите.

астма

Се активираат астмата и белодробните инфекции 

На пациентите со белодробни заболувања, зимата не им одговара поради зголемената влажност на воздухот, маглата, зголемените концентрации смог и респираторните инфекции.

Ладниот весник е и копчето за нападите на астма. Тој ги стеснува дишните патишта, особено за време на зголемена физичка активност. Во зимските месеци се поминува повеќе време во затворени простории, што го зголемува контактот со алергени и со респираторни вируси. Вирусите кои предизвикуваат инфекции на дишните органи, во зима најмногу се пренесуваат преку допир. Заболените од респираторни инфекции, со кашлање и кивање ги пренесуваат вирусите на луѓето и предметите во своја близина. Тој што ќе допре предмет на кој паднал вирус, може лесно да се инфицира и долго откако болниот ќе ја напушти просторијата. Поради тоа, во зима треба да се засили одбранбената способност на организамот и да се посвети внимание на редовно и правилно миење раце.

Зимата е спас за алергичните на полен 

Погрешно е мислењето дека студот ја влошува состојбата на ревматските болни. Ним повеќе им штети топлото, летно време, отколку зима.

Покрај негативните, постојат и позитивни страни на ладното време во однос на здравсјето. Ниските температури ја сузбиваат појавата на некои организми кои шират заразни болести. Во зима нема полен ниту алергиски реакции на полен. Ниските температури значат и поголемо согорување на калории за телото да ја одржи својата оптимална топлина.