Антонија Гиговска победи на „Макфест 2018“


Антонија Гиговска со песната ,,Никогаш не вели никогаш” го освои првото место на 33-то издание на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест 2018” во Штип. Таа со својот авторски тим, Магдалена и Лазар Цветкоски ќе ја подели наградата од пет илјади евра.

Второто место, односно награда од 4.000 евра, му припадна на Роберт Билбилов за песната ,,Чудни места”. Тој е автор на музиката и аранжманот, додека текстот е на Робин Зимбаков. Третото место и наградата од 3.000 евра ја освои Дани, со песната ,,Време” чии автори се Весна Малинова, музика и текст, и Кирил Бабамов – аранжман.

-Наградата и ја посветувам на мајка ми- изјави Антонија по доделувањето на наградите во Штип.

Првично, кога се објави Конкурсот за избор на композиции за фестивалот, беше наведено дека првата награда е во износ од 5.000 евра, втората во износ од 3.000, а пак третата во износ од 1.000 евра. Сепак,наградниот фонд претрпе измени, и беа зголемени сумите за второ и трето место.

Покрај првите три награди, беа доделени и повеќе награди од 500 евра, во разни категории, за сценски настап, за дебитант, за најдобар аранжман и најдобра вокална изведба.

Годинава, на финалето на ,,Макфест” настапија 20 изведувачи. Покрај помладите, учествуваа и постари, односно поискусни пејачи како Џокси, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Димитар Андоновски… Свое музичко шоу имаше Дарио, а водителка на настанот беше Марјана Станојковска. Градоначалникот на Штип, каде традиционално се одржува ,,Макфест”, Благој Бочварски, пред фестивалот порача дека очекува од истиот да произлезат многу хитови.