Албанската опозиција сака да биде дел од Владата


Касами најавува реконструкција, Владата без коментар

Владата остана без коментар откако лидерот на движењето Беса, Билал Касами, изјави дека напролет се спрема реконструкција на владиниот кабинет и вклучување на Беса во „белата куќа“. Свое враќање во Владата не исклучуваат ниту од Алијансата, но прашање е колку нивното евентуално приклучување кон парламентарното мнозинство ќе ѝ се допадне на ДУИ, чии високи функционери неколкупати повторија дека Владата и парламентарното мнозинство се стабилни и дека може да функционираат и без двете албански опозициски партии.

Албанската опозиција, сепак, се премислува и најавува свое враќање во владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев. Последна албанска партија што најави дека дефинитивно не ја отфрла можноста за приклучување кон парламентарното мнозинство е поделената Беса, или поточно крилото со кое раководи Билал Касами.
Касами во интервју за порталот Призма.мк рече дека на неговата последна средба премиерот Зоран Заев најавил реконструкција во својот кабинет напролет и дека можноста движењето Беса да стане дел од Владата не е дефинитивно исклучена.

„Според зборовите на Заев, првата реконструкција се очекува напролет. Тој ни понуди да размислиме дали тогаш би се вклучиле во Владата“, вели Касами и потенцира дека неговата партија има кадри со кои би можела да придонесе во Владата.
Касами притоа рече дека три од петте пратеници остануваат кај крилото со кое тој раководи. Она што е интересно е дека движењето Беса непосредно пред формирањето на владиниот кабинет ја одби понудата на премиерот Зоран Заев, со образложение дека нема да бидат дел од кој било владин кабинет кој ја вклучува нереформираната ДУИ. Ќе биде интересно да се види, доколку се реализира таа реконструкција, како ќе функционираат Беса и ДУИ во владиниот состав. Беса, меѓу другото, ја обвини ДУИ дека таа има вмешано прсти во расколот што се случи во оваа партија.
Извори и од другото крило на Беса, со кое раководи Неџбедин Каремани, велат дека и тие се отворени за можноста да се сретнат со премиерот Заев и да разговараат на тема владина реконструкција, со можност ова крило да биде дел од неа.

Ниту другата албанска опозициска партија, односно Алијансата за Албанците, дефинитивно не ги затвора вратите за враќање во владиниот кабинет. Ова добива повеќе на интензитет ако се знае фактот дека македонскиот парламент сѐ уште ги нема изгласано оставките на владините функционери на Алијансата, како и тврдењето на лидерот на оваа партија Зијадин Села дека меѓународната заедница инсистира тие да се вратат во Владата.
„Алијансата за Албанците и понатаму е отворена за преговори за нејзино враќање во Владата на премиерот Зоран Заев, доколку се исполнат веќе познатите барања, дополнети со барањето за одговорност за корупција на сите партиски функционери, без разлика на нивната етничка припадност“, изјави Села пред една недела.

Но на новинарско прашање околу евентуалната пролетна реконструкција на Владата, кога би била вклучена евентуално и албанската опозиција, владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека за ова треба да одговорат лидерите на партиите, а не Владата.
Проблем за евентуалното вклучување на албанската опозиција кон парламентарното мнозинство и Владата би можело да биде противењето на ДУИ. Од изјавите на Ахмети, но и на други високи функционери на оваа партија, може јасно да се види дека премиерот Зоран Заев ќе треба да оствари средби и со првиот човек на ДУИ кој, пак, албанската опозиција ја нарече политички незрела и склона повеќе да ги подели албанските гласови отколку да работи на нивно обединување.

Блерим Исмаили