Зверев призна дека е целосно „празен“. Ќе му треба помош од психолог

Германецот призна дека има ментални проблеми не само на теренот, туку и во животот


 

Александар Зверев доживеа изненадувачки пораз во првото коло на Вимблдон. Германецот, кој е трет на АТП листата, загуби од Артур Риндеркнех од Франција во пет сета, а на прес-конференцијата по натпреварот отворено зборуваше не само за тоа што не чувствува задоволство на теренот, туку и во животот.

„Никогаш не сум се чувствувал толку празно. Едноставно ми недостасува задоволството во сè што правам. Не е нужно тенисот. И во животот воопшто. Не мислам дека проблемот е во тенисот во моментов. Треба да најдам нешто друго во себе. Нешто во мене треба да се промени, а не нужно на тенискиот терен. Можеби за прв пат во животот ќе ми треба психолог“, призна 28-годишниот тенисер, кој не беше елиминиран во првото коло на Гренд слем турнир уште од Вимблдон 2019 година.

„Смешно е, се чувствувам многу осамено на теренот. Имам ментални тешкотии. Не знам. Тешко ми е да најдам радост надвор од теренот во моментов. Тоа не е изговор за поразот, во никој случај. Артур заслужи да победи денес. Тоа е нешто што го чувствувам во последните неколку месеци. Нкогаш не сум се чувствувал толку, толку осамено во целина. Мислам дека Артур одигра фантастичен натпревар. Не сум сигурен дека имал таков натпревар во кариерата“, додаде Германецот, кој се загреваше за Вимблдон со финале во Штутгарт и полуфинале во Хале на домашен терен.

Со скор од 35-14, Зверев е на две победи од постигнување на 500 во кариерата. Тој е трет во трката за Торино, што го става во добра позиција да се избори за место на финалето на АТП турнирот. Тој е двократен шампион на турнирот, во 2018 и 2021 година.