Проектите на трасата Кичево – Охрид се од 18. век: Првиот човек на „Гранит“ за проблемите на автопатот
Сите мислеа дека нема градежна фирма кај нас што може да ги направи мостовите. Еве, „Гранит“ ги направи. Мостовите се направени пред рокот, а патот не се пушта затоа што има лоши проекти за косините, вели Страшо Милковски
Мостовите на автопатот Кичево – Охрид се направени, ние ги направивме и тоа пред рокот, а трасата не се пушта зашто има лоши проекти за косините. Само што ќе се направат косините, ќе паднат. Имаме поголема загуба таму. Во овој момент држиме механизација од околу 40 милиони евра која не ја покрива ниту основната валоризација и степенот на искористеност е 25 отсто. Се прифати проект од осумдесетите години, а знаете ли колку нови технологии во градежништвото има? Зошто во 21. век користиме проекти од 18. век?, рече денеска претседателот на Управниот одбор на градежната компанија „Гранит“, Страшо Милковски.
Според него, ако патот Кичево – Охрид сега се проектирал, ќе изгледал сосема поинаку, ќе имал многу повеќе галерии и тунели, ќе бил многу посовремен и преку него многу побрзо ќе се стигнувало до Охрид.
„Кога беше проектот за патот, сите мислеа дека нема градежна фирма кај нас што може да ги направи мостовите. Еве, ‘Гранит’ ги направи. Мостовите се направени пред рокот, а патот не се пушта не зашто мостовите не се направени, туку затоа што има лоши проекти за косините. Само што ќе се направат косините, ќе паднат. Ние имаме поголема загуба таму. Во овој момент држиме механизација од околу 40 милиони евра која не ја покрива ниту основната валоризација, степенот на искористеност е 25 отсто, а некој од политиката ви вели ‘не сте способни да го направите патот’. Па како не сме способни кога во цел свет патиштата ги направиме? Работевме во Хрватска, Албанија, Бугарија, Полска, нема каде не работевме во светот. Половина од патиштата во Бугарија ние ги направивме. Бевме прва странски фирма што влезе во Бугарија и ги остави најубавите патишта таму. Зошто во 21. век користиме проекти од 18. век? Ве уверувам дека ако патот Кичево – Охрид се проектираше сега, воопшто немаше да изгледа вака, туку ќе имаше многу повеќе галерии, тунели, ќе беше многу посовремен“, истакна Милковски на трибина во Стопанската комора.
Тој оцени дека клучниот проблем е што власта нема слух.
„Проблемот е што нема слух кај власта, не ги слушаат нашите мислења, повеќе се респектира тоа што е дефинирамо како политика. Оваа држава ја направија македонските фирми, а не странските. И браните исто. Немавме доволно слух од ниту една влада до сега. Земаа тоа што им требаше, тоа што ним им користеше во моментот, но никојпат сериозно не нѐ сфатија. Често бараа мислење за одлуки кои веќе ги донеле“, нагласи Милковски.
Порано, потсети, градежништвото беше ударна сила во развојот на македонското стопанство.
„Во одредени периоди градевме на четири до пет континенти, а сега не можеме да градиме дома. Сѐ почесто слушаме од нашите политичари дека не нѐ бива, дека немаме капацитет. Но, како може да имаме капацитет ако сите работи ги работат странци? Како ќе го развиеме градежништвото ако сите капитални работи ги давате на компании кои не се одовде? Зошто се елиминираат нашите компании, не само градежните, за да се донесат други кои по квалитет не се подобри? Тие ги користат нашите работници. Ниту една градежна фирма што дошла во земјава не донела свои инженери и работници, туку ги зема нашите, тие во кои ние вложуваме. Потоа, со малку поголема плата странските фирми ни ги земаат работниците. Што ни недостасува за да имаме сопствена економија? Патриотизам, знаење, љубов спрема сопствената држава? Дали ќе сфатиме дека оваа држава можеме ние да ја направиме и дека ако не постојат домашни фирми, не може да има развој? Ако 90 отсто од инвестициите тука ги градат странци, каде ќе одат нашите фирми?“, праша претседателот на Управниот одбор на „Гранит“.
Во овој контекст, информира и дека тројца најдбори студенти од Градежниот факултет една година работеле на патот Кичево – Охрид, но потоа рекле дека сакаат да си одат.
За него е чудно како земјава сега не може да ја направи „Чебрен“ ако во 1942-1943 година, кога имала само 4-5 инженери, ги направила, како што нагласи, сите хидроцентрали. Тој укажа и дека на Градежниот факултет порано се запишувале по најмалку 600 студенти, а годинава, рече, се сигурно под 100. Притоа, додаде, градежници на Факултетот веќе нема.
Милковски заклучи дека на раководни функции се поставуваат луѓе кои немаат доволно искуство за големи проекти и порача дека мора да има тесна поврзаност меѓу науката, производството и политиката.