Зошто протестираат земјоделците во Европа?


Во Европа, земјоделците протестираат со недели поради ценовната криза, незадоволни од земјоделските закони на ЕУ, а по протестите кои се одржаа пред зградата на Европскиот парламент во Брисел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен започна стратешки дијалог за иднината на земјоделството.

Гневот на фармерите во последните недели доведе до блокади на патиштата и паради со трактори, со протести одржани во Франција, Германија, Литванија, Полска и Романија, а претходно и во Холандија.

Додека земјоделците протестираат поради националните прашања, тие се обединети кога станува збор за растечките предизвици со кои се соочува земјоделството, вклучувајќи ги екстремните временски услови, птичјиот грип и зголемените трошоци за гориво.

Тие се незадоволни од прекумерните регулативи, вклучително и на европско ниво, како и од протокот на украински земјоделски производи во ЕУ по укинувањето на царините во 2022 година.

Во обид да го смири гневот на фармерите, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во четвртокот започна нов формат на стратешки дијалог што ги здружува земјоделците, еколошките организации и индустријата за да најдат решенија за проблемите на земјоделците во Европа.

Меѓу главните прашања се темите како што се приходите на земјоделците, одржливоста, технолошките иновации и конкурентност, а дел од агендата е и прашањето за зелената транзиција и загриженоста дека таа ќе предизвика дополнителни проблеми за земјоделците.

Пред јунските избори за Европскиот парламент и анкетите кои покажуваат пораст на популарноста на екстремно десничарските и про-земјоделските националисти, европратеникот и потпретседател на Социјалистичката група Педро Маркес рече дека земјоделците се „многу важно гласачко тело“.

На 24 јануари пред Европскиот парламент во Брисел се одржаа демонстрации на фармери, на кои присуствуваше и Марион Марешал, внуката на Марин Ле Пен, која ќе го предводи француското десничарско движење Reconquista на изборите за Европскиот парламент.

Во Германија, земјоделците протестираат со недели поради намалувањето на субвенциите за дизелот, а во соседна Австрија, каде изборите се одржуваат наесен, десничарската Партија на слободата на Австрија минатата недела организираше демонстрации на земјоделците.

Во Франција растечкиот гнев на земјоделците се изразува како прв голем предизвик за новоименуваната влада на премиерот Габриел Атал. Незадоволство во последните месеци покажаа и земјоделците во Полска, Романија, Словачка, Унгарија и Бугарија, каде што производителите ја осудуваат, како што велат, „нелојалната конкуренција“ што доаѓа од Украина со намалување на цените на нејзините жита.

Во април 2023 година, протестите во Полска доведоа до оставка на министерот за земјоделство, а граничните премини со Украина беа блокирани од ноември, но блокадата беше привремено прекината на 6 јануари, по договор со полската влада.

На 7 јануари во Романија започнаа протестите на земјоделците и транспортерите.

Стотици трактори и камиони го блокираа граничниот сообраќај, што го отежнува влезот на камионите со жито од Украина во земјата.

Земјоделците бараат компензација за загубите предизвикани од големото нарушување на пазарот на жито поради увозот на евтино жито од Украина, кое според нив не е во согласност со стандардите на ЕУ.

Бугарскиот министер за земјоделство и храна Кирил Ватев и бугарскиот премиер Николај Денков на 21 јануари се сретнаа со претставници на Националната асоцијација на производители на жито и Бугарската комора за земјоделство за да разговараат за статус кво и да избегнат потенцијални идни протести, откако земјоделците се собраа во Софија во ноември минатата година.

Протестите може да се прошират, а претседателката на Комитетот на професионални земјоделски организации на Европската унија, Кристијане Ламберт, предупреди дека се зборува и за протести меѓу земјоделските синдикати во Италија и Шпанија.

Синдикатот на словенечките земјоделци го повика новиот министер за земјоделство Матеја Чалушиќ да одговори на нивните барања и да понуди некакви решенија, а доколку тоа не се случи, предупреди тој, земјоделците повикуваат да тргнат по стапките на германските демонстранти.

Во Вилнус, главниот град на Литванија, два дена се собраа неколку илјади земјоделци со 1.300 трактори барајќи подобри цени, пониски даноци за гориво, поедноставување на прописите и забрана за транзит на руско жито низ нивната земја, пренесува Танјуг.