Зошто предлогот на Фискалниот совет за одење во пензија предизвика гнев?

Проблемот не е во предлозите на Фискалниот совет кој ги пренесе лошите вести, туку во сите оние кои го доведоа пензискиот фонд до неизвесна иднина, најмногу политиката


Фото: Б. Грданоски

 

Фискалниот совет со предлогот за зголемување на старосната граница за одење во пензија од сегашните 64 години на 67 и тоа почнувајќи од 2026 година, како и за покачување на стапката за пензискиот придонес за 0,7 процентни поени, а ако треба и уште повеќе, предизвика жестоки реакции кај граѓаните, синдикатите, бизнисмените и кај дел од стручната јавност.

Многумина во предлогот даден како дел од мислењето на Фискалниот совет за Фискалната стратегија 2025 -2029 година, за која ќе расправа Собранието, видоа пробен балон на власта за промени во пензискиот систем, иако од Владата рекоа дека во овој момент не се размислува за она што е предлог од страна на Фискалниот совет.

Интересно  е што за кусото постоење на Фискалниот совет досега немаше ниту една посериозна реакција на нивните мислења кои беа јавно презентирани во Собранието, или на нивната интернет страница, како на пример за ребаланост на Буџетот и за Предлог-буџетот за 2025 година, иако и во нив имаше повеќе поенти кои укажуваа на последиците од одредении економски мерки во однос на растот на јавниот долг, но и за линеарното зголемување на пензиите и последиците врз Буџетот и врз Фондот за пензиско осигурување, поради обврските кои што се создаваат и цената која што ќе треба да се плати за ваквата мерка.

Гнев предизвика предлогот, кој според Фискалниот совет ќе придонесе за подобрување на состојбите во ПИОМ, иако му е секому јасно дека конечните одлуки за какви било мерки се одговорност на Владата и на пратениците во Собранието.

Општ е впечатокот дека стрелите се насочени кон оној кој ги пренесува лошите вести, во случајов Фискалниот совет, кој укажува на неодржливоста на буџетските трошења за ПИОМ и за несигурната иднина на пензискиот фонд, а не кон оние кои придонесоа целиот пензиски систем кај нас да се доведе во ваква позиција. Тоа почна уште во првите години на транзицијата кога компаниите масовно не уплаќаа придонеси за вработените (а владите тоа го толерираа), потоа замижувањето за непријавени работници, исплатата на плата на рака (без соодветно плаќање придонеси), па сѐ до популистичките мерки, како што беа намалувањето на пензискиот придонес, намалувањето на старосната граница за одење во пензија од 65 на 64 години, и најновото, линеарното зголемување на пензиите. 

Но, како воопшто дојде до формирање на Фискалниот совет кај нас и до изборот на неговите членови?

Основањето вакво тело беше еден од приоритетите што ги достави Европската унија до Македонија уште во 2019 година. Во средината на мај таа година, Македонија доби листа од шест приоритети во економијата што треба да ги спроведе за една година, како дел од подготовките на земјата за ЕУ. Меѓу другото, се однесуваа на подобрување на собирањето даноци, вклучување на јавните претпријатија во извештаите за трошењата на општата влада, потоа да се одобри новиот закон за буџет со фискалните правила и да се направат подготовки за независен фискален совет.

Тогашниот шеф на одделот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Фрек Јанмат, соопштувајќи ги заклучоците од евродијалогот рече дека е добро да се воведат правилата што ги нема во моментов во земјава, а тоа е јавниот долг да не смее да надмине 60 проценти од БДП и буџетскиот дефицит да не надмине три отсто. Тој ја аргументираше и потребата за формирање на фискален совет, по примерот на Србија, кој би бил независен глас кој врши надзор над финансиските политики на владата. Него би го сочинувале професори, академици и независни експерти. Препораки имаше и за банкарството, за бизнис-секторот, справување со сивата економија итн. Сите тие требаше да се спроведат за една година.

Сепак, формирањето на Фискалниот совет не одеше толку брзо.

Сегашниот состав на Фискалниот совет беше избран во Собранието од минатиот составна 19 септември 2023 година. За член на Фискалниот совет, по предлог на МАНУ, беше избран академик Абдулменаф Беџети. Собранието, исто така, ја избра за членка на советот Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, која е предложена од Државниот завод за ревизија. По предлог на Народната банка пратениците го избрааГлигор Бишев.

Фискалниот совет одржа конститутивна седница на 10 октомври 2023 година на која за претседател го избра  Глигор Бишев.

Треба да се нагласи дека членовите на Фискалниот совет се реномирани економисти, едни од најдобрите во областите кои ги покриваат во текот на нивната професионална кариера, било да станува збор како универзитетски професори, или пак на некоја јавна функција, или високи позиции во приватни компании.

Биографиите на членовите на Фискалниот совет може да се видат на следниот ЛИНК.

Инаку, идејата за формирање Фискален совет не е нова. Речиси сите земји во регионот имаат вакво тело со години. Како што се посочува во еден собраниски документ под наслов „Фискални совети – законска регулатива и опсег на надлежности“, што всушност претставува компаративна анализа на фискалните совети во земјите од опкружувањето, „причината за постоењето е со цел да се обезбеди реална слика за макроекономската состојба во државата. Иницијативата за формирање на такви тела е во насока, пред сѐ да се зголеми квалитетот на буџетскиот процес, да се разбере макроекономска состојба и очекувањата од фискалните политики, како и да се спроведе сеопфатен механизам за надзор. Два механизами кои овозможуваат ефикасен надзор врз јавниот сектор се фискалните правила (ФП) и Независните фискални институции (НФИ)“.

Исто така се додава дека првите независни фискални институции датираат од 1936 год. во Белгија, а подоцна слични институции се основани во Холандија (1945), Данска (1962), Австрија (1970) и САД (1974).

Врз основа на искуството на овие први НФИ, во текот на 90-тите години, сè повеќе се потенцира идејата дека добрите практики развиени од независните централни банки треба да се прошират и на фискално-буџетската област. По финансискатa криза од 2008-2009 год., бројот скоро тројно се зголеми (од десет на крајот на 2006 год. на тридесет и седум на крајот на 2015 год.), а најголем пораст е забележан во Европската унија (ЕУ). До 2019 год., сите земји членки на ЕУ воспоставија НФИ. Ова се должи на фискалните и буџетските реформи што се случуваат во рамките на ЕУ по кризата, се наведува во анализата.

Фискални совети во земјите од регионот: 

Фискалниот совет до сега има доставено десетина извештаи и мислења, кои што се однесуваат на фискалната стратегија, државниот буџет, релизација на јавните приходи и расходи, а едно од првите беше мислењето за ефектите од зголемувањето на пензиите во јули годинава, каде што се укажува на ефектите од линеарното зголемување на пензиите врз Фондот на ПИОМ, како и врз Буџетот. Иако не експлицитно, и во ова мислење се навестува потребата од „усогласување“ на старосната граница за пензионирање.

„Наша оценка е дека максималниот износ на дотации од буџетот на долг рок не смее да надминува 33 проценти со благо опаѓачки тренд, за да не дојде до поткопување на развојната компонента на буџетот. Се претпоставува дека во наредниот период бројот на корисници на пензии нема значително да се промени и дека благо опаѓачкиот тренд на нови пензионери ќе продолжи и преку усогласување на старосната граница на пензионирање со трендот на зголемување на просечниот животен век (пример во 2017 година бројот на нови пензионери изнесуваше 1.547, а на починати 994. Во 2019 година респективниот сооднос изнесуваше 1.300 и 1.150)“, стои во тогашното мислење.

Сепак, ваквиот став, кој се повторува уште подиректно и во некои други мислења на Фискалниот совет, не наиде на реакции како последниот даден во мислењето за Фискалната стратегија, каде што Фискалниот совет беше многу конкретен, односно го користи терминот „цврсто препорачува“.

„Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%“, се вели во Мислењето на Фискалниот совет доставено до Собранието, каде што треба да се разгледува и Фискалната стратегија.

Ова, покрена лавина реакции, почнувајќи од политичките партии, за кои пензионерите се „златната кокошка“ која носи гласови, но и од синдикатите, академската и стручната јавност, кои сметаат дека вакви радикални чекори не се соодветни за нашата земја, и дека решението треба да се бара во други мерки, преку сузбивање на сивата економија, поголема фискална дисциплина и слично.