Зошто на ЕУРО нема натпревар за 3. место? УЕФА даде објаснување
Иако станува збор за речиси педесетгодишна пракса на УЕФА на шампионатот на Стариот континент, дел од навивачите секое ново ЕУРО се изненадени од отсуството на натпревар за третото место.
Поради ова, УЕФА даде кратко објаснување за германските медиуми зошто не се организира меч за трето место, како што тоа е случај на Мундијалите, но и на Копа Америка.
„Натпреварот за третото место се сметаше за непривлечен и затоа повеќе не е дел од Европското првенство. Нема планови за повторно воведување на тој натпревар на ЕУРО“, се вели во одговорот на УЕФА за германски Bild.
Годинава за третото место ќе требаше да играат Французите и Холанѓаните, кои беа поразени во полуфиналните дуели, но тоа нема да се случи. Затоа, пак, ноќта од сабота кон недела, во 2 часот по македонско време, Канада и Уругвај ќе се борат за 3. место на Копа Америка.
Последен пат мечот за третото место на ЕУРО се играше во 1980 година во Италија, кога Чехословачка по подобро изведување пенали ги совлада домашните „Аѕури“. Тогаш Западна Германија беше шампион на Европа.