Зошто Иван Штрпка е годинешен лауреат на СВП: Беседа на Катица Ќулавкова
Академик Катица Ќулавкова како член на Советот за доделување на „Златниот венец“ ја прочита беседата на свеченост во МАНУ на Светскиот ден на поезијата

Иван Штрпка (8.06.1944) е истакнат словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач. Тој стапува на книжевната сцена на некогашната Чехословачка при крајот на 60-тите години на 20 век, пред политичкиот преврат 1970-та. Своето поетско патешествие во словачката и европската книжевност Штрпка го почнува групно, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, со нивната легендарна и авангардна група „Осамени тркачи“. Тројцата објавуваат заеднички збирки, настапуваат со програмски и поетички манифести, а нивната слава осцилира зависно од општествената и политичката констелација во државата. Групата е едно време маргинализирана, но повторно го обновува своето влијание и присуството во јавноста по новиот политички преврат 1989-та и особено по 1993 година, во новиот, посткомунистички амбиент на самостојна Словачка. Основна манифестна определба на „Осамените тркачи“ е отпорот против политичката (зло)употреба на поезијата, како и залагањето за етичката функција на поезијата. Концептот на етичноста на поезијата на Иван Штрпка, Иван Лаучик и Петер Репка е противтежа на соцреалистичките догми на комунизмот. Иако се залагаат за етичност, тие всушност го свртуваат вниманието кон естетската улога на поезијата, најавувајќи ја – можеби најистакнатата – одлика на Постмодерната, фрагментарноста.

Штрпка дебитира со збирката Краткото детство на копјаниците (1969), потоа кратко време се повлекува од јавната сцена за да се врати повторно 1981 година, со збирката Сега и други острови (1981). Следат збирките Пред промената (1982), Вести од јаболкото (1985), Сè е во школката (1989), Мајсторот Му и женските гласови (1997), Гласови и други песни (2001), Каде плаштот, таму ветрот (2018) и други од поново време. Штрпка е познат и со песните напишани за музиката на Дежо Урсини, а објавени во книгата на Штрпка со наслов Сина планина (1988).[1]
По големите политички трансформации 1989-та и 1993-та година, Иван Штрпка се посветува на поетските експерименти познати под називот „отворени песни“, песни кои се пишуваат и се доживуваат во отворен, незавршен процес. Таквиот концепт потсетува на идејата за книжевното дело во процес на создавање на Џејмс Џојс (work in progress), а уште повеќе на „отвореното дело“ на Умберто Еко, чијашто книга под истиот наслов (Opera aperta) е објавена на италијански 1962 година. Идејата на Штрпка за ‘отворената поезија’ и поетика, подоцна еволуира во т.н. ‘процесуална поезија’. Во отворената и процесуална поезија на Штрпка доаѓа до израз неговата идеја за криза на идентитетот на лично и општествено рамниште. Под ‘отворена поезија’ Штрпка подразбира фрагментарност на поетскиот израз и на песната во којашто се слеваат во една целина „богатата лична и колективната меморја“, како што истакнува Јан Гравура во Антологија(та) на современата словачка поезија, издание на СВП од 2014 година.[2]
Уште од самиот почеток, Штрпка покажува интерес за големите теми на современата цивилизација поврзани со моралните, идентитетските и естетските вредности, како и со ангажманот на писателот. Тој негов интерес за човечката егзистенција се изразува во песните на мошне конкретен начин, низ слики од секојдневието, низ фрагменти со коишто ги доловува меѓучовечките односи, односите меѓу мажот и жената, меѓу индивидуата и опптеството, меѓу телесното и емоционалното. Штрпка ги опејува бројните аспекти на ‘човечката состојба’ во повеќе книги, меѓу другите: Меѓуигри, Кукли без глава (1997), Тивка рака (2006) или Голем здив: Психополис, тенок мраз (2010); Смртта на мајката (1995).
Неговото пеење е непретенцизно, суптилно, неговите поетски описи и секвенци се полни подробности, секоја песна е мала кутија со подвижни слики, сегментарна, филмска епизода и блага ментална досетка. Оние кои знаат како се практикува медитација од типот на ‘антер мона’, ќе ја насетат атмосферата на опуштеност и нелепење на субјектот за само една слика, едно чувство. Лирскиот субјект кај Штрпка е подготвен за лизгање, веслање или – како што денес често се вели во колоквијалниот идиом – за скролање од еден до друг стих, од една до друга ментална и јазична слика. Во песните од тој тип преовладува сетилната перцепција обележана со нежност, со нијанси, а не со ригидни, контрастни и контрадикторни сцени, резови, облици и бои. Некогаш дури и песните на Штрпка се меѓусебно во корелација, било да се дел од некој циклус или независни. Ако сака да сопостави две различни глетки и сцени од стварноста, Штрпка пишува две песни, во едната го евоцира едниот, а во другата спротивниот вид настроение, менталитет, поглед на свет, стил на живеење.
Меѓу универзалните теми што ги опева Иван Штрпка спаѓа и утопијата. Неговата песна „Новиот попладневен говор на Рафаел Хитлодај“ (2018) е посветена, се разбира, на сер Томас Мор, авторот на Утопија, култната социо-политичка сатира напишана на латински јазик и објавена 1516 година. Хитлодај (Raphael Hythloday), како што е познато, е фиктивен лик на филозоф, патник и библиофил, кој патува од малото измислено острово Утопија кон Европа. Утопија е ‘место кое не постои“, како што не постои совршена држава, ни совршено општество, што пак не значи дека ние не треба да копнееме по истото. Утопијата е постои во човечката имагинација и копнеж. Како таква, утопијата станала парабола на идеалите на луѓето и народите. Идеалите, пак, се први на удар на реалполитиката. Историјата покажува дека политичките и верските идеали лесно се злоупотребуваат.
Иван Штрпка ја доловува сликата на Утопија на ироничен начин: островската територија е изолирана и мала, градовите се безбедни и одгледуваат доволно плодви за опстанок, портите се широко отворени кон бескрајот на морето, „кованите пари содржат пепел, златото – отпадоци, бисерите ги украсуваат грлата на нечесните“. Што им преостанува на луѓето во такви околности?
„Насекаде пред нас
се нашите влажни мисли,
тие на дланките го носат отвореното море,
на дланките на коишто исчезнуваат границите на брегот,
на коишто трепери и расте светот.
А мирисот на новата земја
цвета на брановите.“
(2008, адаптација според српскиот превод КЌ)
Со оглед дека една негова збирка, преведена и на српски јазик, се вика Вести од јаболко (1985),[3] ќе посочам овде една медитативна песна која, и самата, има наслов „Зелено јаболко“. Оваа песна претставува поетски увид во длабоката свест, во несвесното и во противречното без коешто не би можеле да го почувствуваме вкусот на она што го нарекуваме „смисла на постоењето“, која во случајот со човекот, е суштински противречна и, како таква, деликатна: иако лакомо пијам, мојата жед се зголемува; иако го гризам јаболкото, тоа останува цело и недопрено. Нема каде да скубнам, да ме снема, нема каде да се вратам; – иако деновите летаат, времето стои во нив, времето им е „до колена“ на деновите… По овој уводен сегмент на песната, тој стапнува во вториот, езотеричен, меланхоличен сегмент каде што вели, повторно во парадоксален стил:
„…Бесконечно еден во друг чекориме и чекориме,
Иако не сме се помрднале од место;
Деноноќно помеѓу нас поминува нешто немушто,
Нешто верно, нешто бледо –
мојот страшен пријател, твојот пес чувар.“
Оваа песна покажува колкава е дарбата на поетот Штрпка да нè соочи со потиснатите вистини, да ја предочи визуелно и јазично кревкоста на ригидните категории на видливото и невидливото, доброто и злото, вистината и привидот. Таа дарба во секоја негова книга доаѓа до израз, колку и да е тој израз модифициран.
И нештата кои постојат во човечката мисла и мечта, се реални на свој начин. Шест века по објавувањето на Утопија, таа постои како идеја и како гранична линија меѓу реалната стварност и стварноста по којашто копнее човештвото. Утопијата на нашите мечти е бесмртна. Таа ги покажува вредностите кон коишто стремиме и без коишто светот не би можел да се придвижи и да се промени на подобро.
Во поезијата на Штрпка, на дискретен начин, е присутен интертекстуалниот канон, затоа што е погодна стилска алатка за критички дијалог со релевантни историски и филозофски теми, опуси и личности. Тука само бегло ќе бидат наведени некои песни достапни за мене во овој миг:
циклусот варијации кои се повикуваат, како што се вели во мотото на првата песна, на хиндуското Божество на водата: „Краина, Југозапад. Вода на раѓањето“, – песната „Без наслов (За ангелот Акиха Куроду)“; – „Афродита Анадиомена“ (2018); – „Знае ли принцот за веридбата“; – „Нико од Хомер“ (2008, 63); – прекрасната кратка песна „Мајсторот Му за кругот“ (2008, 64), заедно со песните од книгата Мајсторот Му и женските гласови (1997); – „Вештица на есен“ (реминисценција на Марија Кири); – „Тајната порака на невидливиот шпион“: „…ставив сè во ничија рака (Пол Целан); – „Запис на новата мозочна кора“ (алузија на Касандра).
Од последнава песна ќе цитирам еден „футуристички“ фрагмент:
„Молчи, Касандра!
Ние сме целта.
Да, единствената цел.
Никој нема право
од нас да прави средство
за чистење,
за валкање,
за производство на
сапун…“
И една друга одлика на поетиката на Штрпка ќе биде посочена и илустрирана со пример. Понекогаш, песните на Штрпка треба да се читаат во пар оти така стануваат видливи некои значења кои надвор од компаративниот контекст тешко дека би се препознале. Такви се песните „Машка работа“ и „Господин Никој“. Тие се напишани како контрапункт една спрема друга, покажувајќи две состојби на духот и две човечки парадигми: едно вообичаено утро на Господинот Никој и едно друго, на маж полн живот и свест за себе. Г. Никој се вознемирува и без повод, незадоволен, празен, соочен со сопствената пустина што ја проектирал како универзална слика на светот, полн омраза и самоомраза, деструктивност и автодеструктивност. Мажот, од спротивната песна, се чувствува лежерно по утринската неделна финска сауна, ослбоден од вишокот пот и вишокот умор, се чувствува себеси и сопственото тело ‘во форма’, му наидува машка сила за машка работа, пред себе ја гледа сликата на задоволни мажи кои уживаат во водата на базенот, преродени, подготвени за живот, за нешто кое му дава смисла на денот, на постоењето.
Можеби е посоодветно поезијата на Штрпка да се опише како ‘огледална“. Зошто? Затоа што во неа се прекршуваат слики од колективната меморија, кои ѝ даваат додатна вредност на интроспекцијата и медитативната перцепција својствена на неговите песни. Имено, како што тој вели на едно место, „огледалата понираат во себе“ („Краина, југозапад. Точно на пладне ”, 2008, 20), едно во друго. Без таа огледалност тешко би ја разбрале метафизичката трансформација на поетските слики на Штрпка. Како аргументација, ќе приложам илустрација од песните „Спуштање“ [4] и „Нешто се крие“ (2008):
„…Темниот снег ги прекрива сите тивко запрени и паркирани
Возила, укажувајќи на нивната потполна неподвижност и празнина.
Исто таков снег лежи на дното на нашиот ум,
Но него повеќе ништо не го спојува со надворешниот снег…“
(„Спуштање“, 2018)
Во песната „Нешто се крие“, Штрпка вели/пишува:
„Се враќа она кое никогаш не заминало,
само потонало во плиткото во нас.
Сè е точно на почетокот. Таму сме,
од кај што сме тргнале.“
(Vesti iz jabuke, 2008, адапт. на макед. КЌ).
Оваа песна го искажува задоволството што нештата си дошле на свое место. Некогаш е напредок нештата да се вратат на почетокот, таму кај што некогаш биле, за да се почне одново и да се создаде нешто ново и добро. Иронијата во исказот на овие песни на Штрпка е несомнена, како што и чувството дека навистина некогаш „и варварите се некакво решение“ како што кажа еднаш Константин Кавафис, односно дека некогаш е успех да се совлада хаосот, да се надмине безизлезот. Потоа сè е полесно и возможно. Така е со личните нешта, така е со општествените. Во секоја песна на Штрпка се наѕира нишката на поврзаност меѓу личниот свет и светот на општеството во коешто тој живее.
Штрпка ја профилира својата поетика во раните творечки фази до крајот на 20 век. Неговото влијание врз тековите на современата словачка поезија не се секогаш со ист интензитет, но неговата поезија е несомнен ‘камен на искупшение’ при секој обид да се вреднува и да се класифицира словачката поезија. Штрпка е и ќе продолжи да биде илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора спрема светот и го покажува својот сензибилитет спрема т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски.
Интелектуалниот и творечки профил на Штрпка е формиран во период на длабока трансформација на Словачка, кога таа излегува од комунистичкиот код и кога излегува од заедништвото со Чешка, така што би било наивно да се очекува дека поезијата ќе му биде рамнодушна на „надворешните случувања“. Надворешната општествена констелација често се отсликува во внатрешната лична состојба, па следствено и во творештвото на Штрпка. Состојбата на поетот, значи, се рефлектира во неговата поезија во форма на стил, заправо еден тотален, кумулативен стил кој ги трансцендира првичните заложби за фрагментарност и парцијалност. Оттука и аналогијата меѓу стилот и човекот сугерирана во максимата „Стилот е самиот човек“ на францускиот писател Жорж-Луј Леклерк де Буфон од почетокот на 18. век, е применлива и за стилот на Штрпка.
Поезијата на Иван Штрпка треба да се чита не само семантички, туку и семиотички, поетички и културолошки. Не толку „отвореноста“, колку нејзината огледалност, повеќеслојност и метафизичност ја прават поезијата на Штрпка посебна, оригинална, пријателски настроена спрема читателот. Поезијата на Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Читана од културна и временска дистанца од 50, 30 или 10 години, поезијата на Штрпка се доживува како духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка, па и на Европа. Зошто? Затоа што она кое постигнало степен на совршенство, не знае за граници.
Поради сето овде кажаното, Советот за доделување на Златниот венец на СВП одлучи истиот да му биде доделен на Иван Штрпка за неговиот богат, автентичен и значаен поетски корпус создаван во тек на шест децении најмалку, меѓу 1960 и 2025 година.
[1] Награди: Ivan Krasko Prize for début, 1969, Dominik Tatarka Award, 1970, Slovak Writers Organisation´s Association Prize, 1995, Tatra Banka Award for the Arts, 2003, Ján Ondruš Award, 2004.
[2] Јан Гравура (избор), 2014, Антологија на современата словачка поезија, издание на СВП, во избор и со предговор на Јан Гравура, во превод на македонски на Славица Гаџова и Звонко Танески, а редакција на преводот на проф. Иван Доровски.
[3] Да се види збирката избрани песни под наслов Vesti iz jabuke (2008), Зрењанин, Агора, Словачки издавачки центар Бачки Петровац), преведена и објавена на српски јазик, во избор и превод на Вицазослав Хроњец.
[4] Преводот на три песни („Секое утро сите на школо пееме стоејќи“, „Спуштање“, „Длабоки, темни“, од оваа збирка на хрватски е на Тино Кујунџиќ / Tino Kujundžić, достапен на: https://strane.ba/ivan-strpka-tri-pjesme/ Моја е само македонската адаптација.