Зошто Чифте амам е храм на уметноста: Ремек дела од класицизам до модернизам кои мора да се видат (галерија)

За 75 години од формирањето на Националната галерија на Македонија (НГМ), симболично, исто толку, 75 слики и скулптури на ликовни капиталци од кои се учи, дипломира, восхитува или збогатува јавната културна сцена или домашната култура


Директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, покрај слика на Личеноски, синоќа, на отворањето на јубилејната изложба/ Фото: Б. Грданоски

Чифте амам , во срцето на Старата скопска чаршија, од синоќа, е храм на уметноста, на чии камени ѕидови и подови се закачени или поставени ремек делата на врвните мајстори на четката и на бронзата од македонската и регионална топ ликовна сцена. Поставка која заслужува особено внимание и дигнитет, во чест на голем јубилеј. За 75 години од формирањето на Националната галерија на Македонија (НГМ), симболично, исто толку, 75 слики и скулптури на ликовни капиталци од кои се учи, дипломира, восхитува или збогатува јавната културна сцена или домашната култура. 

Фото: Б. Грданоски

Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за колекцијата, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.

Фото: Б. Грданоски

Додека ја разгледувате колекцијата, која според директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, е исклучително важна, и со која, не случајно, започнуваат јубилејните активности, се чувствувате дека сте во храм на уметноста и „разговарате“ со авторите на кои исте им се восхитувале, а чии слики и скулптури не сте ги виделе во живо. Сега се тука, на едно место, од разни генерации, да потсетат на нивното значење во македонската и регионалната култура  или да ја истакнат нивната генијалност со оглед на трновитиот животен и творечки пат и сите лични и професионални премрежја кои им се случувале.

Фото: Б. Грданоски

Претставени се дела од сликарите Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова  и скулторите Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ.

Фото: Б. Грданоски

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, која за „Независен“ откри сѐ за вредната колекција, насловена  75/75 и која ќе трае до 19 август. 

Фото: Б. Грданоски

Колку дела и скулптури брои колекцијата на Националната галерија?

Националната галерија содржи бројка на дела која последниве години го достигна бројот 3.000. Колекцијата формално е поделена на 12 збирки:  Македонската современа уметност меѓу двете светски војни; Слики и скулптури од поранешните југословенски простори; Почетоци на македонското профано сликарство; Сликарство и акварел; Графика; Цртеж; Скулптура; Мозаик; Таписерија; Нови медиуми; Сликарски прибор; Икони, како и слики, етнолошки и библиотечен материјал од легатот на Лазар Личеноски.

Фото: Б. Грданоски

Каде се чуваат тие ?

Делата од Колекцијата се чуваат во повеќе депоа кои се наоѓаат во секој од објектите на Националната галерија: Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица.

Фото: Б. Грданоски

Како куратор, како ги избиравте делата за изложбата 75/75? По значење, по вредност…?

Изложбата „75 / 75“ го слави јубилејот на Националната галерија – 75 години постоење. Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нашата колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот. Се разбира, овој концепт подразбираше навистина стегнат избор од огромниот број на ремек дела кои ги поседува галеријата и како и што посочи директорката д-р Дита Старова Ќерими, со оваа изложба ги започнуваме активностите посветени на 75 години постоење.

Фото: Б. Грданоски

Како тие се набавени за фундусот? Подарени, купени, со размена…?

Постојат повеќе начини за набавка на дела во секоја колекција – примарни се откуп, потоа подароци и разен вид на легати. Во конкретниот случај, бидејќи станува збор за едни од најстарите дела, истите со формирањето на Галеријата се снабдени со огромен ентузијазам, преку откупи финансирани од државата, а спроведени според значење и избор од тогашното раководство, на чело со великанот Никола Мартиноски, тогашен директор.

Фото: Б. Грданоски

Колку долго ја подготвувавте изложбата?

Изложбата „75 / 75“ е само еден начин на презентирање на делата од колекцијата која нуди мноштво на теми кои постојано се истражуваат во тековната работа на стручниот тим. Се разбира, ја користиме секоја можност за да ги изложиме делата кои не се постојано пред очите на јавноста преку различен вид на тематски иложби кои изминатиов период ги имавме навистина многу, а ќе споменам неколку: „Надреализам и фантастика“, „Оп и поп арт“, „Мустаќлии“, изложба со дела од тн. поранешни југословенски простори, „Жанр сцени“. Притоа, секоја од овие изложби подразбира интензивен повеќемесечен период на подготовки.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски