„Патека на славните“ на Широк Сокак се поставува без консултација со Музејот на Битола

Утре почнува фестивалот „Манаки“, а дебатата во Битола за тоа како се поставени ѕвездите на лауератите се вжешти


Некои од ѕвездите со имињата на добитниците на „Камера 300“ се веќе поставени (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Битола веќе почна да живее во шармот на фестивалот „Браќа Манаки“. На Широк Сокак денеска е раздвижено спроти утрешното отворање на фестивалот, а ѕвездите од  „Патека на славните“ на сите досегашни добитници на наградата „Златна камера 300“ се поставуваа во гранитните плочки и го привлекуваат вниманието на минувачите, па љубопитно се откриваат една по една, иако свеченото откривање е најавено за утре.

Наспроти ваквата слика, дел од јавноста во градот веќе дебатира на социјалните мрежи дали е транспарентна постапката за поставување на 18 ѕвезди на своевидна патека на славните која почнува од пред киното „Манаки“ и се движи кон Офицерскиот дом во Битола. Кога прв пат беше објавена информацијата дека и Битола како Холивуд ќе добие патека на славните идејата беше позитивно прифатена, сега перцепцијата кај дел од јавноста се менува.

Асистентот на директорот на „Манаки“, Симеон Мони Дамевски, телефонски кажа дека неговиот претпоставен е зафатен да одговори на прашањата бидејќи течат подготовките за  утрешното свечено отворање на фестивалот. Како што е познато веќе, Дамевски се обратил до Општина Битола, а согласност добил од Комисијата за јавни и комунални дејности.

Патеката на славните почнува од пред киното „Манаки“ и се движи кон Офицерскиот дом (Фото: А. Блажевска)

Oд Управата за културно наследство велат дека досега не добиле барање за одобрување за поставени ѕвезди на плочките на Широк Сокак.

„До Управата за заштита на културното наследство не е доставено барање за отсранување и поставување на нови плочки со ѕвезди со лауратити од ИФФК ‘Браќа Манаки’.

За било каква интрвенција  односно нарушување на интегритетот на заштитеното добро во случајов Широк Сокак потребно е Одобрение од УЗКН. До денес УЗКН не издала таков документ. Такво барање не е доставено ниту од Општина Битола ниту од организаторот на фестивалот ‘Браќа Манаки’.

УЗКН ќе постапи  и утврди на лице место дали е предизвикана штета врз културното наследство и врз основа на утврдена фактичка состојба ќе се превземат идни чекори“, се вели во соопштението на Управата.

И од Завод и Музеј Битола велат дека досега не биле консултирани.

„Секогаш кога се работи за прашања од централно градско јадро, граѓаните или други субјекти се препраќаат кај нас во Завод и Музеј Битола да добијат одобрение на барањето. Но, сега не добивме такво барање, бидејќи поставувањето на ѕвездите го третираат како урбана опрема. До овој момент организаторите на фестивалот немаат доставено такво барање“, изјави Зоран Николовски, директор на Завод и Музеј Битола за „Независен“.   

Темата со фестивалските ѕвезди на Широк Сокак доби и политички бои за што се расправаше денеска и во битолскиот совет. Па идејата беше да се свика комисија која ќе расправа за ситуацијата. 

Битолчани веќе се подготвуваат за црвениот тепих, а градот се полни со гости од сите страни на светот, со филмаџии и вљубеници во филмот. (А.Б.)

(Текстот е обновен со соопштението на Управата за кулурно наследство)