Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (9)

Зошто централните говори се основа за литературниот јазик?

Не е случајност што говорите од западномакедонскиот тип дадоа основа за нашиот литературен јазик? Тоа се потпира на историски фактори — токму Западна Македонија е средиштето на нашиот национален развиток за последниов век и половина, пишува Конески: Битола во 1910 (Фото: Отомански архиви)

Блаже Конески

Од множеството народни дијалекти, еден дава основа за литературниот јазик. Тоа е дијалектот на оној крај што го претставува средиштето во националниот развиток на еден народ. Во нашиот случај таква основа за литературниот јазик положија централните говори на географската линија Велес—Прилеп—Битола

По Првата светска војна тежиштето на нашиот национален развиток си останува во Вардарска Македонија, каде што живее грото на македонскиот народ. Правилното поставување на националното прашање од страна на КПЈ ги поврзува тука стремежите на македонскиот народ за слобода со општата борба на работните маси во стара Југославија. Во новиот револуционерен подем на нашиот народ, меѓу двете војни, се зародува и нашата современа литература во Вардарска Македонија на јазик македонски.

Но тоа не значи дека создавањето на современата наша литература и јазик дојде без никаква претходна подготовка, без никакво претходно чистење на патиштата. Што беше друго литературната дејност на различни наши народни говори во XIX век, подразбирајќи ги тука како печатените работи, од луѓе што ни се познати како книжевни работници, така и ракописните зборници, распространети во тоа време кај нас — што значеше друго ако не подготовка за појавата на нашиот современ литературен јазик? Ќе приведеме на ова место само некои факти што најодредено сведочат дека веќе тогаш се сознавала од наши луѓе потребата да се создаде еден општ македонски литературен јазик, да се установат неговите форми и да се напише македонска граматика.

Во 60-те години од минатиот век се јавува движењето на македонистите, за кои во бугарските весници од тоа време се вели дека тврделе: „ние сме Македонци, не сме Бугари“ и: „друго е Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик“ (в. „Право“ од 30 ноември 1870). Еден од тие луѓе кој што успеал и печатно да ги изнесе своите мисли за македонскиот народ и јазик, Ѓ. Пулевски, во својот „Речник од три јазика” (1875) го поста вува прашањето за нашиот литературен јазик, за тоа како треба тој да се установи, па предлага да се соберат од различните наши краишта луѓе „који го познавајет јазикот мајкин чисто“ и да состават една граматика — „па да остане како света таја книга за сиве шкоља а и за други книги писање“ (124).

 

Сето оона што созреваше во нашиот народ, како стремеж за изградба на свој литературен јазик, најде своја најполна формулација во книгата „За македонцките работи“ (1903) од К. П. Мисирков

Во 90-те години на минатиот век се оформува таканареченото движење на „сепаратистите“, раководено од некои млади наши интелектуалци, што заправо го продолжува делото започнато уште од порано од македонистите. Не обично е важен знак за преемственоста имено тоа што тие го поставуваат во однос на јазикот, повикувајќи да се следат направо „стапките на одамнешната зафатена света работа од покојните наши соотечественици, Жинзифов, Миладиновци, отец Партениј“ (Езерски, Неколко кратки летописни белешки, Софија 1890).

Сето ова што созреваше во нашиот народ, како стремеж за изградба на свој литературен јазик, најде своја најполна формулација во книгата „За македонцките работи“ (1903) од К. П. Мисирков.

Самиот Мисирков најодредено подвлекуваше дека тој е продолжувач на една работа што од порано се зафатила во Македонија: „мојите возгледи… — вели тој — не сет нешчо ново и безосновно, а сет чекор напред во досегашно то развијајн’е на нашето национално самосознаајн’е и да сет за тоа сосем природни и осноателн’и“. Мисирков посвети во својата книга специјална статија за нашиот јазик под наслов „Неколку збора за македонцкијот литературен јазик“. Во неа ги третира најважните прашања за нашиот литературен јазик, како што е прашањето за дијалектот што треба да се положи во неговата основа и прашањето за правописот. Мисирков ја будеше љубовта спрема мајчиниот јазик: „Милоста кон народнијо јазик јет наш долг и наше прао. Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашто тој је наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни“. Во изградбата на македонскиот литературен јазик тој гледаше најдобар пат да се откине веќе еднаш македонскиот народ од рацете на хегемонистите: „Создаајн’ето литературен јазик јет дуовна потребност кај нас, се која се мислит да се клаит крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси…“ пишува Мисирков.

Тоа што си го поставуваа за цел нашите луѓе уште во XIX век, тоа што го прогласуваше Мисирков во 1903 година — се изврши наполно од една помлада генерација, се оствари во нашата современа литература и литературен јазик.

Ние зборувавме веќе порано дека од множество народни дијалекти, еден дава основа за литературниот јазик. И зборот на тој дијалект не е случаен, ами се обусловува со ред економски и културно-политички фактори. Тоа е дијалектот на оној крај, што го претставува средиштето во националниот развиток на еден народ. Во нашиот случај таква основа за литературниот јазик положи централниот дијалект (или централните говори) што географски се распростира по линијата Велес—Прилеп—Битола, опфаќајќи го велешкиот, прилепскиот, кичевскиот и битолскиот говор.

Тоа што си го поставуваа за цел нашите луѓе уште во XIX век, тоа што го прогласуваше Мисирков во 1903 година — се изврши наполно од една помлада генерација, се оствари во нашата современа литература и литературен јазик

Бидејќи сакаме на ова место да го изјасниме односот на нашите народни говори, па тука и на говорите во Пиринска Македонија, спрема литературниот јазик, потребно е уште поблиску да го одредиме местото на централните говори меѓу нив, како и основните нивни карактеристики што влегуваат во нашиот литературен јазик. Централните говори се слеваат најтесно со другите говори во Западна Македонија чинејќи со нив едно наречје — западно-македонско. Ова го опфаќа на исток Велешкото, Прилепското и Битолското, се простира на југ приближно до линијата Битола—Охрид, на север до линијата Скопје—Тетово, а на запад до албанската граница. На така ограничената територија ние наоѓаме ред говорни разлики, но сепак говорите на таа територија се поврзуваат многу тесно помеѓу себе со некои доминантни црти, како што се во прв ред: третосложната акцентна система, јасниот изговор на неакцентираните самогласки, тројниот член и др. Меѓутоа, нашите централни говори како дел од западно-македонското наречје, содржат во себе и такви црти што нив ги поврзуваат и со говорите во Источна Македонија. Нека ги споменеме тука во прв ред белезите како што се: замената на ст. сл. носовка ѫ со апатрака, наставките — ам, — ат во сегашно време и— аа во минатото време итн. По таков начин тие чинат природна спона помеѓу повеќето наши говори. Толку нека биде доста на ова место за карактеристика на оној наш дијалект што даде основа за литературниот македонски јазик.

Жетва во Пелагонија близу Битола околу 1910 година (Фото: Хекел колекција/улштајн билд)

И тоа ни е исто така познато, дека литературниот јазик не може во ниеден случај да се сведе наполно само на даден народен дијалект, Во литературниот јазик се врши извесна селекција па цртите, за што придонесува и матери јалот што го даваат и другите дијалекти. Конкретно, во нашиов случај, тоа значи дека во современиот македонски литературен јазик се содржат уште повеќе црти што ги сврзуваат нашите народни говори, одошто ги имаме во централните говори. Ќе го изјасниме тоа на следните примери. Ако во нашиот литературен јазик во однос на некогашното х се земаат резултатите од централните (и општо, западно-македонските) говори, т.е. на пример: страв (од страх), зедов (од зедох) и сл., затоа во однос на меѓусамогласното в (кое во западно-македонските говори често се губи) тој се опира повеќе на другите наши говори. Така: човекглава, а не: чоекглаа итн. Овој еден пример јасно покажува што се разбира под селекција на цртите во литературниот јазик, како што ја илустрира истовремено и обединувачката улога на литературниот јазик. Нека споменеме уште некои црти што се примени во нашиот литературен јазик, а не се својствени (или не во таква мера) на западно-македонските говори, колку на источните и другите. Од областа на синтаксата, како необично важна црта, треба да ја споменеме предимната употреба на предлогот на во нашиот литературен јазик за образување на генитив: книгата на ученикотучењето на Маркса и сл.: додека западно-македонските говори претпоставуваат тука образување со предлогот од. Понатаму, важна црта е употребата на 3 л. сег. време со форми како: носи—носат, додека во за падните говори наставката — т се слуша и во еднината: носит, или пак обратно се губи и во множината: носа итн. итн.

Но се разбира дека овој избор на црти од различните наши народни говори треба да биде имено избор, а не да се претворува во рушење на основата на нашиот литературен јазик, дадена од централните говори. Основата е еднаш поставена, треба врз неа да градиме, да дополнуваме, а не да ја изместуваме. Тоа би претставувало рушење, а не градење. Единствено во посочениот вид ни се претставува денеска односот на нашиот литературен јазик спрема народните говори, подразбирајќи ги тука, јасно, и говорите во Пиринска Македонија. (Продолжува)