Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (10)

Со Бледската спогодба беа испратени македонски учители во Пиринско

Да се рече дека бугарскиот литературен јазик бил говорен јазик на народот во Пиринска Македонија е невистина. Тој народ таму мора да го учи бугарскиот јазик, ако сака да се служи со него. Во името на што му забрануваат тогаш да го учи својот мајчин македонски јазик, прашува Блаже Конески: Тито и Георги Димитров ги потпишуваат Бледските спогодби во 1947 за новите односи меѓу Југославија и Бугарија

Блаже Конески

За жал, сето тоа се спроведуваше само кратко време. Но и во тоа кратко време се забележија видни успеси во ширењето на македонската книга и во изучувањето на македонскиот литературен јазик во Пиринска Македонија

Но зошто баш говори од западномакедонскиот тип дадоа основа за нашиот литературен јазик? Ние рековме дека нигдека такво нешто не може да се должи па случајност, ами е со ред историски фактори обусловено. Затоа — одговараме — што токму Западна Македонија е средиштето на нашиот национален развиток за последниов век и половина. Тука се наоѓаат наши најголеми градишта, во кои македонскиот елемент, од првата половина на минатиот век, дојде до израз преку трговијата и занаетчиството. Тука се наоѓа компактно наше население, кое од секогаш живо ги пазело старите славјански традиции. Од Западна Македонија веќе во XIX век излегуваат најголем број интелектуалци што ја преродуваат славјанската просвета кај нас и зафаќаат литературна работа на својот народен говор. Нека споменеме само дека од овој наш крај се Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, браќа Миладинови, Партениј Зографски, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и др. Најголем дел на нашата народна епска и лирска поезија е собран пак отаде а ние знаеме каква важна улога изигра нашата народна поезија во зародувањето на нашата современа литература. Нејзините пионери црпеа богато од изразните средства на народната поезија.

Најпосле (по ред, но не по важност) треба да го истакнеме фактот што западно—македонските говори, кои се развивале подалеку од центрите на соседните славјански јазици, излачиле во себе најголем број типично македонски црти, врз чија основа може да се изгради еден јазик со наполно самостојно обележје. И навистина, ако зајдеме от кај Скопско на север, ние навлегуваме веќе во говорна област што чини преод накај српскиот јазик, а ако одиме на исток, тогај забележуваме постепено преминување на нашите говори накај бугарските. Јасно е дека перифериските говори не можат да дадат основа за литературниот јазик, баш поради тој свој смесен карактер. Сознавајќи го сето ова добро, и Крсте Мисирков, родум од Ениџевардарското село Постол, се запре на централните говори како на основа за македонскиот литературен јазик, укажувајќи им го со тоа на Македонците од сите наши краишта правилниот пат. Создавањето на нашиот литературен јазик може да се постигне велеше тој — „ако македонецот от северна Македонија подаит рака на својот брат од јужна Македонија и македонецот од источна Македонија подаит рака на тој од западна. Подадените раце ќе се прекрстат околу Прилеп — Битола“.

Нека се обрнеме по сето ова кон говорите во Пиринска Македонија и кон нивниот однос спрема македонскиот литературен јазик. Како што ни е познато, во статијата на Чанков, што ја разгледувавме погоре, се тврди дека говорниот јазик на народот во Пиринска Македонија бил бугарски, што значи дека народните говори во Пиринска Македонија се бугарски. Затоа тој народ требало да се развива на јазик што му бил единствено разбран, т. е. на бугарскиот литературен јазик. Во сета оваа работа се заменува едно нешто со друго: ние треба да повлечеме разлика помеѓу бугарскиот литературен јазик и народните говори во тој македонски крај. Друго е прашањето доколку бугарскиот литературен јазик успеал да проникне меѓу народот во Пиринска Македонија, а друго — каков е карактерот на тамошните народни говори, и каков е нивниот однос спрема македонскиот и бугарскиот литературен јазик. Што се однесува до првото прашање, треба да кажеме дека бугарскиот литературен јазик до голема степен успеал да се рашири во градиштата и меѓу интелигенцијата во Пиринска Македонија. Тоа нешто не бара особено објаснение. Познато е на пример колку пред војната и во Скопје се слушаше српскиот јазик.

Регионите во Бугарија. Пиринска Македонија претставува само мал дел од територијата на бугарската држава

Тој факт што во Пиринска Македонија долго време се употребувал и денеска се употребува бугарскиот литературен јазик, и што тој јазик таму значително проникнал, несомнено претставува извесна отежувачка околност за распространувањето на македонскиот литературен јазик во тој наш крај. Но ние знаеме дека е тоа сепак прашање што може да се реши. Ние веќе имаме примери од историјата како се решавале слични прашања. Ќе направиме една исписка од книгата на Сталина „Марксизмот и национално-колонијалното прашање“, каде што тој одговарајќи во завршната реч на X конгрес на СКП(б) на некои запрашувања во однос на националната политика, кажува: „Овдека имам книже во кое се вели дека ние, комунистите, божем вештачки ја развиваме белоруската националност. Тоа не е точно, зашто постои белоруска националност што има свој јазик, различен од рускиот, поради кое културата на белорускиот народ може да се подигне само на неговиот мајчин јазик. Такви зборови се слушаа пред пет години за Украина, за украинската националност. А уште неодамна се зборуваше дека Украинската Република и украинската националност — се измислица на Германците. Меѓутоа јасно е дека украинска националност постои и дека е должност на комунистите да ја развиваат нејзината култура. Не може да се оди против историјата. Ако во градиштата на Украина сѐ досега уште и преовладуваат руски елементи, јасно е дека во текот на времето тие градишта ќе бидат неизбежно украинизирани. Пред четириесет години Рига претставуваше германски град, но бидејќи градиштата растат за сметка на селата, а селото е чувар на националноста, Рига е сега чисто летонски град. Пред педесет години сите градишта на Унгарија имаа германски карактер, а сега се маѓаризирани. Исто ќе биде со Белорусија, во чии што градишта сѐ уште преовладуваат не Белоруси“.

Од Западна Македонија веќе во XIX век излегуваат најголем број интелектуалци што ја преродуваат славјанската просвета кај нас. Од овој крај се Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, браќа Миладинови, Партениј Зографски, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски…

Од овие зборови на Сталина јасно е какво може да биде вистинското болшевичко решување на подобните прашања. Зашто Сталин не вели дека поради тоа што во извесни краишта проникнало силно туѓо влијание, треба така да остане и за понатаму. Тоа го велат сега бугарските комунисти, тврдејќи, како Чанкова, ништо повеќе, ами оти бугарскиот литературен јазик бил говорен јазик на македонскиот народ во Пиринско. Сталин го тврди пак сосем спротивното: дека во такви случаи треба да се спомогне воведувањето на мајчиниот јазик на даденото население. И навистина, во таква единствена правилна смисла и беше решено прашањето за воведување на македонскиот јазик во Пиринска Македонија во духот на Бледската спогодба, после кое и дојде испраќањето на наши учители таму. За жалост, сето тоа се спроведуваше само кратко време. Но и во тоа кратко време се забележија видни успеси во ширењето на македонската книга и во изучувањето на македонскиот литературен јазик во Пиринска Македонија. Одбележувајќи ги тие успеси другарот Лазо Колишевски, во рефератот на II конгрес на Фронтот, рече: „Сите овие успеси што се постигнати во Пиринска Македонија на изградбата и развивањето на националната култура, како и изучувањето литературниот македонски јазик, сами за себе говорат каква огромна е жедноста на нашиот народ во Пиринска Македонија во што пократко време да го овладее својот литературен јазик, да ја зацврсне и развие својата национална култура“. А тоа значи, дека нашиот литературен јазик, за кого денеска тврдат оти бил неразбран за пиринското население, би си го зафатил местото што му припаѓа во Пиринска Македонија за многу пократко време одошто си мислат неговите „критичари“.

Тие би сакале, изгледа, да ја претстават така работата, како да се говорите во Пиринска Македонија поблиски до бугарскиот одошто до македонскиот литературен јазик. Но тоа не е точно. Бугарскиот литературен јазик, формиран врз основа на источно-бугарското наречје, значително се разликува од говорите во Пиринска Македонија, кои се македонски (та дури и „критичарите“ од БРП(к) и сега признаваат оти таму живее македонски народ). Жалосно е ние сега по патот на буржоазната лингвистика да се натпреваруваме со докази колку во тие говори има македонизми, а колку бугаризми, кога е и без тоа јасно кој народ зборува на нив. Новата лингвистика кај нас и во братска Бугарија 6и требало да оди, ни се чини, по сосем обратниот пат, т. е. повеќе да го истакнува тоа што нѐ сврзува одошто тоа што нѐ дели. Инаку ќе стигнеме до апсурди до какви што стигаше шовинистичката наука за јазикот: барајќи ги од една страна границите на бугарскиот јазик кај Крагуевац, а од друга страна границите на српскиот јазик на Искар зад Софија. Така е тоа штом говорот на Пиринско и Софиско е од еден исти шопски тип, додека народот одавде граница се чувствува српски, а отаде гра ница бугарски.

Блаже Конески за време на посетата на Полска во 1947 година со група југословенски писатели и уметници

Бидејќи говорите во Пиринска Македонија се говори перифериски, јасно е дека во нив ќе најдеме редум црти што им се општи со македонските говори по на запад од нив, како и такви црти што ги поврзуваат со соседните бугарски говори. Кога зборуваме за говорите во Пиринска Ма кедонија не треба да изгубиме од предвид еден факт: 50% од населението на тој македонски крај се состои од бегалци од Егејска Македонија. Исто и говорите на тие бегалци од секогаш во лингвистиката се сврзувале имено со македонската говорна група. Да се рече дека бугарскиот литературен јазик бил говорен јазик на народот во Пиринска Македонија е невистина. Тој народ таму мора да го учи бугарскиот јазик, ако сака да се служи со него. Во името на што му забрануваат тогаш да го учи својот мајчин македонски јазик? Пошто да му е тој тогаш понеразбран? Целата работа е во тоа што некои измислуваат таков апсурд дека бугарскиот литературен јазик бил поразбран за Македонците (и не само за оние од Пиринска Македонија) од нивниот роден македонски јазик!

Но нивните поруги за нашиот јазик им се враќаат на глава. Нема нас во нешто да не поколебаат. Имаме ние еден одговор многу посилен од сите нивни „аргументи“: со уште поголема енергија ќе се нафрлиме да го описмениме, да го издигнеме нашиот доскоро поробен народ до придобивките на културата — имено на овој негов литературен јазик, најмил и најблизок. (Крај)

(Овој фељтон е пренесување на книгата-реакција на Блаже Конески – „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, издадена во декември 1948 година, како одговор на бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик)