Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (2)

Неканетите бугарски „ослободители“

Блаже Конески за време на посетата на Полска во 1947 заедно со група југословенски писатели и уметници. Од лево на десно – Стефан Дибовски, министер за култура на Полска; писателот Исак Самоковлија, писателот Вјекослав Калеб, поетесата Десанка Максимовиќ, Блаже Конески и сликарот Ѓурѓе Теодоровиќ. Фотографијата е направена во Варшава на 14.10.1947

Блаже Конески

И по војната разбиените хегемонистички остатоци во прв ред во Бугарија, не престанаа да му го оспораваат правото на македонскиот народ на самостојност, не престанаа да викаат како македонската нација и македонскиот јазик биле проста измислица

Никој не може да ги доброи нападите од официјалните политички кругови во Бугарија изминативе десетлетија и на високата наука кај нашиот сосед дека македонскиот јазик не е посебен, туку дека е некаква дијалектолошка форма на бугарскиот. Ти нападни беа посебно акцентирани за време на владата на Бојко Борисов, кога се поставија темелите на блокадата на Македонија на патот кон ЕУ.

Оние што подлабоко се занимаваат со негирањето на мекодонскиот јазик и идентитет од страна на бугарските научни и политички кругови ги знаат сите фази од оваа лингвистичка војна. Тоа на свој начин, повеќе или помалку, го знае и македонското општество.

Една книга реакција на големиот Блаже Конески од 1948 година насловена како „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, објавена од Земскиот одбор на Народниот фронт на Македонија, на извонреден начин ги сместува бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик во графата на политичка и псевдонаучна пропаганда. Оваа книга-расправа на Конески следи по статијата на организацискиот секретар на БРП(к) Георги Чанков објавена во „Работническо дело“ кусо време пред тоа со наслов: „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“. Во неа Чанков се обидува да докаже дека не постојат ниту македонскиот јазик  ниту македонскиот народ.

Блаже Конески на извонреден начин го докажува токму спротивно и тоа само три години по кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Конески тогаш има 27 години. Неговата ерудиција и знаење беа извонредни, понекогаш дури и неверојатни за неговата младост. Но генијот не внимава на младоста – или си или не си.

Во овој фељтон ќе ја пренесеме оваа мала книга објавена во 1948 година, која изгледа како да е пишувана за денешниве собитија. Бидејќи ништо не се променило во ставовите на негаторите на македонскиот јазик.

Во 2002 година Фондацијата „Небрегово“ и неделникот „Старт“ издадоа репринт на книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“. Во овој репринт има вдахновен предговор на големиот лингвист Трајко Стаматоски, насловен „Одговорите на Конески“. Во тој подолг предговор Трајко Стаматоски, меѓу другото, го напиша и ова:

„Оспорувањето на македонскиот литературен јазик од одделни страни има свој непрекинат континуитет. Тој е особено изразен од бугарската и грчката страна. И додека во првите години од неговиот слободен развој (1945-1948) тој во Бугарија беше негиран од опозицијата, од 1948 ставовите ги презеде и официјалната политика, па потоа и науката.

Она што го пишуваше опозицискиот печат во Бугарија уште од 1945, најчесто весникот ‘Знаме’, дека македонскито јазик е ‘една вештачка постројка што има за цел да ги откине македонските Бугари од нивната општа култура’ или уште погрубо дека ‘македонската нација не постоела и не постои’ односно ‘ние станувавме и стануваме против вештачкото народносно изградување на македонска раса, со свој особен македонски јазик’, во 1948 се обиде да го образложи орг. секретар на БРП(к) Георги Чанков, значи човек од првата политичка гарнитура, во статијата ‘Предавниците на социјализмот и на македонското дело’, објавена во в. ‘Работническо дело’ (9.X.1948). А истиот тој Г. Чанков само една година пред тоа (какво совпаѓање: пак точно на 9.X.), што се однесува до македонскиот народ во Пиринска Македонија, пишуваше дека тамошните Македонци треба ‘да се воспитуваат како дел од македонскиот народ, којшто веќе има своја сопствена држава, да ја изучуваат својата сопствена историја, да се учат, пишуваат и зборуваат на својот роден македонски јазик’.

Блаже Конески опширно го елаборира овој текст на Чанкова во својата расправа ‘По повод најновиот напад на нашиот јазик’, Скопје, 1948. На тврдењата дека македонскиот литературен јазик е вештачка творба, дека тој е создаден по директива, со декрет, што ќе рече дека е измислен, Блаже Конески им противстави обилна документација. Тој укажа дека таквите тврдења не се нешто ново во историјата на јазиците, дека за исмислени се прогласувале и јазици на големи народи (украинскиот, на пример), а посебно се позанимава со прашањето дали појавата на еден литературен јазик може да биде случајна.

Во својот одговор на Чанкова Блаже Конески изрази и една мисла која се покажа како визионерска, а таа е дека македонскиот литературен јазик ‘во овој момент на својот развиток (1948) далеку не е така заостанат како што си претставуваат тие. Тоа е јазик на една млада, полетна литература, што со секој ден сѐ поплодотворно се разгрнува’. Само за миг да се замислиме и запрашаме колку е разгранат денеска македонскиот лидетартурен јазик и колку македонската литература? Изминаа ли јазикот и литературата децении или пак векови во својот развој?“

Во годината кога ги одбележуваме стоте години од раѓањето на Конески оваа книга се чини дека има епохален придонес за македонскиот јазик и идентитет. Еве како Блаже Конески им одговори во 1948 година на оние што го негираа македонскиот јазик.  

 

* * * * *

 

Односот и на српската и на бугарската буржоазија спрема македонскиот литературен јазик можеме да го формулираме во овие два плана: 1) настојавањето „научно“, со логични доводи да се негира македонскиот литературен јазик; 2) чисто чувствениот однос спрема македонскиот јазик. Се разбира дека едното не може да се оддели од другото, ами како отров со отров се проникнува.

По првата точка се поставуваше тврдењето дека македонскиот литературен јазик не се јавува како резултат на еден природен историски развиток, ами се измислува, се создава вештачки, „по директива“, „со декрет“. Како таков тој би противречел на сето она што науката за јазиците го знае и признава, тој би бил една химера, смислена да прикрие извесни задни политички цели.

Така во Бугарија, познатиот глашатај на в. „3ора“ — Јордан Бадев сакаше да ја претстави сета таа работа како дело на неколку манијаци „несвесни и свесни орудија на српството и на болшевизмот“ (сп. „Просвета“, VIII, 1. 1942). Тој ги наречуваше вака оние што не работеа во согласност со неговата теорија, дека т. н. „македонство“ се измислило во стара Југославија како „реакција против системот на поробување“, од некои млади луѓе — „што прибегнаа до една политичка маневра: бидејќи бугарска народна свест не можеа да исповедуваат, а српска не можеа да примат, измислија трета — македонска. Ние оттука, од Бугарија го примивме тоа како единствено трпим начин на отпор против насилната асимилација. И, навистина, – заклучува Бадев – една нова македонска национална свест не би можела да има никакво друго оправдание, нити општествено-поли тичко, нити пак историско“.

Толку повеќе беа непријатно изненадени бадевци, кога по нивното „ослободување“ на Македонија, мораа лице со лице да се сретнат со една сосем поинаква стварност отколку што ним им се чинеше. Македонскиот народ, национално раздвижен, набрзо го изрази својот однос спрема неканетите „ослободители“. Во една таква ситуација, се разбира, дека особено силно ги дразнеше великобугарите постоењето на македонската литература. Отаде и се напинаа бадевци да докажуваат како таа „измислица“, доста итра додека била управена против српството, сега треба да ја снема: „По ослободувањето и обединувањето ‘македонската книжевност’ оправдана во српско време како згоден заклон на грижата и стремежот за национално самозачување, станува излишна. Напишаното до денеска — списанија, стихотворни збирки, драми, статии, раскази и др. — ќе остане како ценен документ во историјата на борбата на македонските Бугари против српското господство. Пред надарените творци се открива широк простор: еден богат и установен по облик и содржина книжевен бугарски јазик, што ги обединува духовните усилби на сите Бугари и што дава исказни средства за сите нијанси на мислата и чувствата. Писанија на наречје отсега натаму можат да имаат само фолклорна стојност и задача“.

 

Конески прави паралела на нападите врз македонскиот јазик со негирањето на украинскиот јазик и неговата забрана од страна царска Русија: Киев во 1900 година

 

Сето тоа го прогласуваше Бадев по 11 октомври 1941 година, кога македонскиот народ јасно ја покажа својата ориентација во војната, и кога појде по оној пат што го доведе низ заедничката борба со другите југословенски народи до националната слобода, што значи и до полна можност за развивање на своја литература на свој литературен јазик.

Но и по војната разбиените хегемонистички остатоци во прв ред во Бугарија, не престанаа да му го оспораваат правото на македонскиот народ на самостојност, не престанаа да викаат како македонската нација и македонскиот јазик биле проста измислица што нема „нити општествено–политичко, нити пак историско оправдание“. За кратко време на својата гласноговорничка служба на реакцијата во Југославија и Милан Грол стигна да искаже такво гледиште во однос на македонската нација, и посебно на македонскиот јазик — со следните зборови: „Дали од неколку дијалекти ќе дојде до еден јазик — тоа е прашање кое параграфите на законот нема да го решат“ (в. „Демократија“, бр. 1). Тоа истото е најјасно изразено на страниците од опозициониот бугарски печат, во зборовите како што се следните: „Македонската нација не постоела и не постои; таа е измислица на српските комунисти — империјалисти“ (в. „Слободен народ“); или: „Ние станувавме и стануваме против вештачкото народносно изградување на Македонска раса, со свој особен македонски јазик, за кој што е создадена и особена македонска граматика. Да ли е потребен тој дефетизам за да се направи од Македонија достоен член на југословенската федерација“ (в. „Знаме“, од 11. V. 1946).

Се откажуваше секакво самостојно обележје на македонскиот јазик: „Новиот јазик наречен ‘македонски’ не е ништо друго осем една мешаница од тие два јазика (бугарскиот и српскиот, Б. К.), една вештачка постро јка што има за цел да ги откине македонските Бугари од нив ната општа култура и составува една пречка, за да може македонската држава да ги стигне во културен однос останатите области во новата Југославија (в. „3наме“ од 24 декември 1946).

Треба особено добро да го запаметиме непризнавањето на историската обусловеност за појавата на македонскиот литературен јазик, тврдењето дека тој бил измислен, независно од кого и со какви цели. Слагајќи се во првото шовинистите се разликуваат во второто: или е по среде директива од Москва, или е сето „измислица на српските комунисти —империјалисти“, или е пак и тоа некое „бугарашко масло“.

Нападите против украинскиот јазик наполно се поклопуваат со нападите што се изнесуваа против нашиот јазик од страна на бугарските и српските хегемонисти. Украинскиот јазик беше во царска Русија со декрет забрануван

Што се однесува до втората точка: за чувствениот однос на хегемонистите спрема македонскиот јазик, тој се изразува во најискрено презрение спрема него, во подбивање како можело на тој „прост“ јазик да се создава литература, во наречувањето на тој јазик со погрдни имиња итн. Психологијата на буржоазијата во ова навоѓа најполн одраз. Од такви елементи се зародуваат расистичките теории за неполноценоста на некои народи и на нивните јазици.

И оваа втора страна во односот на хегемонистите спрема нашиот јазик би требало добро да ја запаметиме ако сакаме правилно да ги посочиме корењето на извесни слични ставови денеска во БРП(к).

Но нека не се мисли дека сето ова што го изнесовме е нешто ново, непознато и од порано од историјата на некои други јазици. Сето тоа како однос на завоевачката буржоазија спрема развитокот на новите нации и на нивните литературни јазици е добро познато и од порано, добро е познато и во историјата на некои од славјанските јазици, какви што се: украинскиот, белорускиот и словачкиот.

 

Блаже Конески го критикува Јордан Бадев, роден во Битола, член на групата на Ванчо Михајлов во ВМРО и поддржувач на Третиот Рајх, кој тврдеше дека „македонството“ се измислило во стара Југославија

 

И за украинскиот јазик, кој што е јазик на така голем народ, се тврдеше дека е измислица — и тоа во истото време од страна на Москва: дека е тоа масло на „полонофилството“, а од страна на Варшава дека е тоа масло на „москвофилството“. Украинскиот јазик беше во царска Русија со декрет забрануван (така во 1876 година). Се откажуваше неговиот природен развиток, иако на тој јазик беше создадена веќе прекрасната поезија на Шевченко, како и ред други литературни творби. Дури и по револуцијата се јавувале такви тврдења: „… уште неодамна се зборуваше дека украинската република и украинската националност се – измислица на Германците“ (Сталин, „Марксизмот и национално-колонијалното прашање“, изд. „Култура“ — Белград, стр. 119).

Каков е тој јазик, говореа глашатаите на царизмот, кога „до крајот на минатиот (XVIII) век никој не пишувал малоруски“. Тоа што украинскиот јазик порано се викал руски, се искористуваше како аргумент дека не може збор да има за некаков одделен украински јазик (значи и за одделен украински народ), ами е тоа само дел од рускиот јазик (значи и Украинците се не самостоен народ, ами дел од рускиот народ). Подбивите пак над презриво наречената „хохлашка“литература добро го претставуваат чувствениот однос на великодржавјето спрема украинскиот јазик и литература.

Како што гледаме, нападите против украинскиот јазик (а таков е случајот и со други јазици) наполно се поклопуваат со нападите што се изнесуваа против нашиот јазик од страна на бугарските и српските хегемонисти. Украинскиот јазик, и покрај сите хули, забранувања и прогонувања во минатото, и покрај сите „научни“ докажувања дека е тоа јазик што вештачки се создава, дека е тоа „мешаница од построенија на рускиот и полскиот говор“, со „расипани форми на полските и руските корења и органски основи“ — постои, и се развива, и станува јазик на сѐ побогата литература. И македонскиот јазик, покрај сите викотници против него од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, и станува јазик на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден досега потиснат народ во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: „Пците лаат, карванот си мине!“ (Продолжува)