Зошто цените на нафтата нема да паднат веднаш по завршувањето на војната во Иран


 

Крајот на војната во Иран ќе донесе моментално олеснување на пазарите на нафта и природен гас, но може да поминат месеци пред цените да се вратат на нивоата од пред конфликтот, објавува Си-Ен-Ен.

Бродските компании и нивните осигурители прво ќе треба да бидат убедени дека е безбедно да се патува низ виталниот Ормутски теснец, низ кој минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта. Дури и кога ќе се продолжи со транзитот на танкери, ќе биде потребно време за да се реши огромната блокада. Според Меѓународната поморска организација, во соседниот Персиски Залив има речиси 2.000 бродови.

Војната, исто така, доведе до затворање на бројни нафтени и гасни постројки, а рестартирањето на производството може да трае со недели. „Не е како да превртите прекинувач и сè одеднаш да се врати“, изјави за Си-Ен-Ен Ан-Софи Корбо, виш соработник во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија.

Ситуацијата е уште полоша на местата каде што објектите беа оштетени во нападите, што значи дека може да потрае со месеци или дури со години за да се вратат на претходните нивоа на производство.

„КатарЕнерџи“, најголемиот светски производител на течен природен гас, минатата недела изјави дека иранските ракетни напади врз неговите постројки го намалиле извозниот капацитет за 17% и дека ќе бидат потребни до пет години за да се поправи штетата.

Алико Данготе, основач на „Данготе Груп“, која поседува рафинерии за нафта во Нигерија, во понеделник за Си-Ен-Ен изјави дека ќе бидат потребни најмалку шест месеци за снабдувањето со нафта да се врати во нормала по војната. Потоа цените на нафтата би можеле да се стабилизираат, но веројатно ќе останат во опсегот од 75-80 долари до крајот на годината, рече тој.

Суровата нафта „Брент“ се тргуваше по 73 долари за барел пред САД и Израел да го нападнат Иран на 28 февруари. WTI, американскиот репер, беше 67 долари за барел. Цените на суровата нафта растеа дури и пред војната, од околу 60 и 57 долари на почетокот на годината, поради зголемените тензии меѓу САД и Иран.

Во Соединетите Американски Држави, цените на бензинот се зголемија во последните недели како резултат на повисоките цени на нафтата. Веројатно е дека ќе паѓаат многу побавно отколку што пораснаа.