Зорица Заева во Букурешт прозборе за статусот на жените во Македонија
Заева на конференцијата присуствува на покана на романската премиерка Виорица Данчила, а во рамки на претседавањето на Романија со Советот на ЕУ.
Во фокусот на конференцијата се стратешките европски и меѓународни документи кои на краток и долг рок работат во насока на елиминација на родовата дискриминација и нееднаквост, но и на општествениот дискурс кој се движи во насока на подигнување на свеста за сите форми на насилство врз жената и овозможување на средина за еднаков развој и учество на жените во општеството, политиката и приватниот сектор.
-Донесовме јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Ја ратификувавме Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, така наречената Истанбулска конвенција. Ги унапредуваме сите потребни услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство. Кога жените губат – сите губиме, истакна Заева на конференцијата во Букурешт.
Посебен акцент во своето обраќање, Заева стави на економското јакнење на жените во општеството.
-Девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции. Нема никаква причина да биде поинаку. Намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски раст. Затоа треба да биде јасно: Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените, истакна Заева.