Зоолошката градина Скопје на прагот да стане членка на ЕАЗА


Фото: Б. Грданоски

Изминатите две и пол години, Скопје ЗОО доби нов лик, нови животни и многу новитети. Стана најпосетената институција во државата за 2019 и 2020, а на прагот сме да бидеме членка и на Европска Асоцијација на акваируми и зоолошки (ЕАЗА), информираат од Зоолошката градина Скопје во нивниот отчет „Две и пол години Европска зоолошка“.

Во отчетот тие наведуваат дел од она што е направено во изминатиот период. Па така, додаваат дека се изградиле нови асфалтирани патеки и се поставиле патокази и информативни таблички пред секое живеалиште. Поставени се нови тоалети на две локации, доизградени се живеалиштата за слонови и шимпанза, изградени се нови живеалишта за фламинга и пингвини, направена е Бејби Зоо, реновирани се голем број живеалишта со цел подобори услови и благосостојба на животните и воведени се едукативни програми и Zoo keepers talk за викенди како и јуниор авантура парк за деца.

Зоо Скопје, исто така, наведува дека, стана првата дигитализирана зоолошка на Балканот со зоо апликација, смарт клупи и онлајн продажба на билети и посочи дека ги исполнува еко стандардите со електрични возила- мини бус, мини колички, електрични скутери и тротинети.

Како што информираат во отчетот, низ градината има и нови хортикултурни уредувања и редовно чистење на големите езера, после 13 години.

– Направивме Дино Парк со најголем број  диносауруси на Балканот – вкупно 41 диносаурус во природна големина, кои се движат и испуштаат звуци. Имаме нови жители на Скопје Зоо, голем дел првпат во нашата градина, пингвини, фламинга, слонови, шимпанза, алпаки, двогрби камили, белоносести коати, ему птици, бели лавови, бели волци, африкански желки, верверички, папагали, стои во отчетот од Зоо Скопје.

Помеѓу останатите новитети се и новото брендирање на влезот на градината, новите катчиња за фотографирање, новите детски игралишта и голема игротека на отворено за родендени, нови летниковци, нови корпи за отпадоци, табли со кодекс за однесување, како и кампања за заштита на животните.

Од Зоо информираат дека работат на заштита на дивите животни во соработка со светски организации како 4 Paws и Министерството за животна средина и велат дека и понатаму ќе продолжат со проектот „Европска Зоолошка“ со поддршка од Градот Скопје.