Зонското во Карпош ќе биде воведено летово, за станарите ќе биде бесплатно


Зонското паркирање во Карпош ќе биде воведено летово. Со него ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“. Овој период сообраќајните проекти се изработуваат во Општина Карпош кои потоа треба да бидат одобрени од Министерството за внатрешни работи.

За станарите паркирањето ќе биде бесплатно за две возила, додека за жители на други општини 1 час паркирање ќе чини 25 денари. Ќе има месечни карти од 800 денари за вработени, а за гости еден час паркирање ќе биде 10 денари.

Наплата ќе се воведе во Карпош 1, Карпош 2, кај млечен ресторан и на улица Народен фронт кај Министерство за економија, велат од јавното претпријатие.

– Во овие делови кои гравитираат кон Центар станарите имаа проблеми, бидејќи тука не се наплаќа паркирање и голем број граѓани тоа го користат. Станарите не можат да си додјат дома и да најдат слободно место и затоа голем дел од нив се изјаснија дека сакаат да се воведе зонско паркирање, велат од претпријатието.

Од таму додаваат дека зонското паркирање ќе стартува летово или најдоцна до есен.

На седница на Советот на општина Карпош која се одржа изминатите денови во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, советниците дискутираа во врска со предлогот за регулирање на наплатата на комунална такса по основ, организирање на зонско паркирање на дел од јавните паркиралишта на подрачје на општина Карпош. Одлуката за воведување на Зонско паркирање беше усвоено со мнозинство гласови.

Од политичката партија Левица се спротивставија на оваа одлука. Од таму сметаат дека роблемот на недостатокот на паркинг места треба да се се решава со проширување на постоечките паркинг зони и поставување на монтажни паркиралишта, а не со воведување
на зонско паркирање.