Злоупотребата на Конески: Атанас Вангелов – „Молитва“ против „Тешкото“


Во актуелниот миг, исполнет со меѓународно-политички искушенија за постоењето на македонскиот јазик, но и политичката (зло)употреба на домашен терен, 2021 година е посветена на Блаже Конески, зашто нашата култура денес и секоја помисла на Македонија со право се врзуваат со името на Конески, бидејќи тој ги осветлуваше и афирмираше пред своите современици и пред лицето на современиот свет, суштината на македонското битие, основните белези негови, израз и потврда на неговото историско постоење и на неговата иднина: јазикот и културата, како што ќе забележи акад. Матеја Матевски.

Кога по повод Денот на поезијата и УНЕСКО во Париз му оддава почит на Блаже Конески, одбележувајќи ја 100-годишнината од неговото раѓање, потребно е да се потсетиме на неговите значајни мисли за јазикот и името – македонски. Имено, дека македонскиот јазик е нашата „единствена неподелена татковина“, а нејзиното име – Македонија е „големо и ќе сакаат да ни го земат“! И навистина, сè што предвиде, се случи! И доколку би бил жив, сигурно повторно би воскликнал: „Како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“, ќе напише историчарката Наташа Котлар, инспирирана од чествувањето.

„Еднаш во векот се раѓаат ваквите луѓе. Среќни сме како народ што божјата добрина ни го подари за да имаме и ние со што да се пофалиме, со што да се гордееме. Со него сме свет во светот на културата и на духовниот престиж. Алем-камен е тој во дијадемата на нашата нација“, ќе забележи знаменитиот Гане Тодоровски.

Зошто Конески чиј живот и дело се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, е постојана мета на политичка злоупотреба паралелно со чествувањето на неговата поезија и најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет, за „Независен“ пишуваат македонски автори и универзитетски професори, изучувачи и промотори на неговото дело.

 

Атанас Вангелов: „Молитва“ против „Тешкото“

На едно место во својот „Дневник по многу години“ (1988) Конески вели дека својата „Историја на македонскиот јазик“ (1967) почнал да ја пишува некаде во јули 1963 во „проѕирна шумичка“ близу некое словенечеко село каде што, таа година, решил да го помине својот годишен одмор. Работата над таа книга му тргнала „неочекувано добро“ и тој, најверојатно, уште тогаш ќе ја довршел да не ја прекинала скопскиот земјотрес од 1963. Во тој краток запис за генезата на неговата „Историја…“ Конески додава уште дека, „веројатно“, влегло нешто од тишината и „опојниот мирис“ на таа мала шумичка во неговата книга што ја споредува со „бела зграда“ врз која пак ќе „фрлаат кал“ осведочените и огорчени непријатели на македонскиот јазик.

Записите од тој „Дневник…“ Конески ги нарекува „поетска проза“ од типот на расказот „Песна“ објавен во неговата книга „Лозје“ (1955), а пак една поетска проза зборува „општо за појавите“ (токму затоа е поетска), како што вели во песната „Претеча“. Тој зборува „општо“ и во својата песна „Тешкото“ која, според тоа што го вели во неговиот „Дневник“ била напишана во 1946  и потоа објавена во списанието „Нов ден“. Зборува не помалку „општо“ и во песните „Молитва“ и „Лажни пророци“ кои, со оглед на времето кога се настанати (крајот на осумдесеттите), можат да се прочитаат (и) како своевиден лирски одговор упатен до сите оние што „фрлаат кал“ врз неговата „бела зграда“ – неговиот импозантен научен и уметнички опус. Ако еден поет од голем формат, каков што е авторот на „Тешкото“ и „Молитва,“ добро знае зошто не треба да ги „именува самите носители“ на појави (закон кој го формулира уште Аристотел пред 25 века во својата „Поетика“), тоа не важи и за оние кои фрлаат кал врз неговата „бела зграда“. Под притисок на нивниот архајски егоизам („тие мислат само на себе“ вели Конески во „Лажни пророци“), на неукост, на завист или на гнев тие сами се разоткриваат. Така и доаѓа до груба, безобѕирна злоупотреба на една фина и суптилна духовна „материја“ (каква што е лириката) за користољубиви, ниски и прагматични цели. Добро зборува за тоа употребата на „Тешкото“ и на „Молитва“ кон која прибегнаа, „без зазор и страв,“ двете најголеми политички партии кај нас во жестоката борбата за власт на парламентарните избори во 2016.

Верувам дека многумина добро се сеќаваат дека пропагандата на СДСМ направи еден спот кој се вртеше на сите телевизии на кои „течеа“ секвенци за опустошена Македенија од деценискиот автократски режим на пастирот Никола Груевски. Звучната заднина на тој спот беше песната „Тешкото“ од Конески, веќе навлезена и слеана со колективната меморија со посредство на основното и средното образование кај огромен дел од популацијата која зборува македонски јазик. Една од главните пораки („од вековно ропство мој народе идеш“) се сведува, во тој спот, во децениски политички волунтаризам од најдолен вид на еден локален полописмен деспот и, на тој начин, таа драстично се изопачува до степен на груб фалсификат. Доказ дека кога е на видело вообичаена борба за власт – сè е дозволено?

За да одговори на тој спот пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш сè уште под водство на пастир Никола Груевски, во чија непоредна близина беше и неговиот верен следбеник Антонио Милошоски (политички лик кој се прослави со споредбата „џуџето од Небрегово“ за Конески), посегна по песната „Молитва“. Во таа песна нејзиниот автор зборува за „болни луѓе“. Тие влечат со себе „ситни пороци“. Тој го моли Севишниот што помалку „очите да им ги боде“. Кога тие „лево ќе фатат“, тој десно да оди. Токму тоа „десно“ од  „Молитва“ било главниот мотив пропагандата на таа политичка партија да се „сети“ на таа песна од Конески и да произведе од него политички ултрадесничар. Се разбира, за да го стори тоа, таа партија мораше да ги заборави сите свои гадости, пцости, злости и пакости со кои (особено во времето кога беше во рацете на војводата Љупчо Георгиевски од Делчево) долги години својски се трудеше да го оцрни и понижи делото на поетот и лингвист не само од европски, туку и од светски формат.

Може да се рече: од начелна гледна точка не се разликува читањето на песните на Конески од кое било читање, стручно или лаичко. Тоа значи дека и читањето на таа поезија кое изделува и актуелизира само една (политичка)  од комплексот пораки на лириката Конески е исто толку легитимно колку и кое било читање. Сепак, постои и една суштинска разлика. Таа се состои во следново: кога и зошто се сетија тие две партии на Конески и на неговата лирика? Тие се сетија тогаш кога им притреба како средство да ги убедат гласачите да им дадат доверба за да дојдат на – власт. Накусо, тоа политичко читаење не беше мотивирано од потреба да и се пренесе на јавноста некоја автентична порака од лириката на Конески туку, напротив,. да се искористи таа лирика за егоистички цели каква што е (и) целта освојување власт. Така тие две политички партии направија од две песни со длабоки, интимни врски две закрвени и гневни лирски структури кои се борат на живот и смрт за – власт. А пак тоа веќе не е употреба, туку брутална злопотреба на сублимни вредности за – приземни цели.