Златко Перински е нов директор на „Водовод и канализација“


Златко Перински e нов в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ .
 
Перински е магистер по менаџмент за човечки ресурси со менаџерско искуство во приватниот сектор, а има искуство и како дел од раководниот тим на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
 
Перински има работно искуство во повеќе успешни компании со подружници во 7 европски земји, управувал со застапништва на германска и на грчка компанија.
 
 

Досега, ова претпријатие го водеше Душко Весковски, кој преку Фејсбук статус вчера се одјави од директорското место. 
 
„Почитувани скопјани, драги колеги, ми претставуваше чест и задоволство што во изминативе четири години бев на чело на ЈП Водовод и канализација –Скопје.
Би сакал да ве известам дека денеска затворам едно успешно поглавје во мојата професионална кариера на која сум исклучително горд.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во изминативе четири години стана препознатливо по голем број на проекти и активности кои поставија нови стандарди и вредности во функционирањето на јавните претпријатија во градот Скопје.
Започнавме со реализација на најголемиот еколошки капитален проект во државата, а тоа е изградба на станицата за пречистување на отпадни води за градот Скопје. Ја обновивме механизацијата со најсовремени возила за извршување на работните задачи во претпријатието. Го дигитализиравме претпријатието и во време на здравствена пандемија со Ковид -19 успеавме да го приближиме и олесниме начинот на комуникација со нашите корисници. Инвестиравме многу во нашата лабораторија која е единствена во државата што врши различен вид на испитувања поврзани со квалитетот на водата. Ние сме прво јавно претпријатие кое користи биоразградлива хартија за внатрешна и надворешна употреба, а истовремено и доставува сметки печатени на ваков тип на хартија. Изминативе години и покрај сите предизвици како здравствени така и економски, успеавме да постигнеме позитивни финансиски резултати, а воедно сме и најтранспарентното претпријатие.
Искрено се надевам дека овој тренд на развој на претпријатието, што е резултат на посветената работа на целиот раководен тим и сите вработени во претпријатието, ќе продолжи и во иднина.
Воедно, ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници“, напиша Весковски.
 
На последните локални избори, Весковски беше кандидат за градоначалник на скопската општина Карпош, од редовите на владејачката СДСМ, но беше победен од противкандидатот Стевчо Јакимовски.