Зима е, но „Бехтел и Енка“ работат без прекин на автопатот Гостивар-Букојчани
И од далеку малку може да се забележи што се одвива на најголемото градилиште во земјава. Над илјада и петстотини вработени секојдневно и во зимски услови се на терен. Работат засилено на пробивање на делницата од автопатот од Гостивар до кичевското село Букојчани, која е дел од Коридорот 8, а на која работи конзорциумот „Бехтел и Енка“.
МИА помина еден ден на градилиштето каде можеше одблизу да види како се одвиваат градежните работи. Стигнавме до мостот над Вардар каде се градат бетонски столбови кои ќе го носат еден од поголемите мостови. Токму тука на градилиштето каде што се издигаат бетонски столбови ќе има мост кој води до ридот на селото Горна Бањица. Ни се придружи и надзорникот на теренските работи Џозеф Чуа. Овој 35-годишен канаѓанец од Ванкувер ни објасни дека во моментот се градат два моста, еден на петтиот и на седмиот километар. За кратко време се очекува да почне да се работи и на мостот на осмиот километар чија висина треба да достигне 40 метри.
„Во моментов сме на 7-от километар од делница 2 и сега се одвива работата на мостот бр. 7. Се вршат земјени работи, се ископува материјал за градење на пониските делници, се вршат бетонски работи на кои ќе се кренат мостовите, а се изведуваат и заштитни работи за свлечиштата, бидејќи се отсекуваат делови од планините. Теренскиот инжинер Зарче Чочороски вели дека во моментов е ангажирана тешка и моќна механизација. Со педесетина повеќетонски камиони, ископаниот материјал од планината се пренесува на други места каде е потребно да се подигне нивото и да се порамни теренот. Овој градежник со тридецениско искуство вели дека ова е огромен зафат и предизвик за инженерите. На ова градилиште има една особена постројка, која како што вели овозможува непрекинат тек на работите и во зимски услови.
„На ридот близу Горна Бањица има ‘бетоњерка’ со топла вода и подготвува бетон за мостовите. На тој начин може да се врши зимско бетонирање и кога надворешната температура е под нулата и водата замрзнува. Тоа ни помага да работиме во услови кога на други градилишта работата стои“, вели Чочороски.
Тој како и Чуа посочуваат дека најголемиот дел од работите засега не е „видлив“, иако се работи интензивно.
Интересен е и податокот дека на ова градилиште покрај мажи, ангажирани се и жени. Две жени рамноправно работат со колегите инженери, а има и жени кои управуваат со камиони. Комуникацијата на градилиштето се одвива на англиски меѓу 1.500 луѓе колку што досега се работно ангажирани. Оваа бројка постојано се зголемува. До скоро бројката на вработени беше 1.100, а останатите се надворешни поединци и фирми кооперанти.
Прашавме и за соработката и со месното население. Џозеф Чуа вели дека од „Бехтел и Енка“ многу внимаваат на околината каде што се гради и ги информираат локалните жители за работите. Тој е во земјава веќе две години и за него тоа е предизвик, бидејќи добрососедските односи се важна алка во целиот овој проект. (МИА)