Живко Грозданоски e избран за нов претседател на ДПМ
Живко Грозданоски е избран за нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на денешното редовно изборно Собрание, на кое беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото.
На денешното изборно собрание за членови на Управниот одбор на ДПМ се избрани: Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев.
Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат: Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски.
Раководството на ДПМ наскоро ќе ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе биде избран и потпретседател на Друштвото.
За функцијата претседател на ДПМ во предвидениот рок, кандидатури доставија петмина членови: Живко Грозданоски, Весна Дамчевска Илиевска, Јордан Ѓорчев, Мирче Нешовски и Југослав Петровски.
Според Статутот на ДПМ за претседател се бира оној кандидат што добил најголем број гласови од присутните активни членови на редовното изборно Собрание.
По две неуспешни вонредни изборни собранија во ноември и јануари, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за 1 јуни го закажаа редовно изборно собрание, а во февруари писателската асоцијација одбележа 77 години постоење.
Првпат годишнината беше одбележана без свечено врачување на годишните награди на ДПМ („Стале Попов“, „Ацо Шопов“„ Димитар Митрев“ и Ванчо Николески“). Не беа распишани конкурсите поради нефункционирање на Претседателството на ДПМ и неможност да се изберат жирија што ќе одлучуваат за најдобрите книжевни дела на членови на ДПМ во претходната година. Петрески во февруари изјави дека наградите ќе бидат доделени по конституирање на новото Претседателство по изборното собрание на 1 јуни.
ДПМ има 300 членови. На последниот конкурс, како што информираше тогаш Петрески, биле примени девет нови од 69 пријавени.