Живеја една година како на Марс, во симулирано живеалиште – погледнете го излегувањето


Првата од неколкуте мисии на НАСА за симулирање на живеење на Марс заврши во Хјустон, Тексас, откако четворица волонтери го напуштија симулираното живеалиште на НАСА на Марс по повеќе од една година.

Две жени и двајца мажи поминааа 378 дена во Mars Dune Alpha, изолирана структура од 160 квадратни метри во вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, која ги имитира условите на Црвената планета.

Оваа мисија беше прва во серијата Crew Health and Performance Exploration Analog (CHAPEA), која има за цел да и помогне на НАСА да се подготви за уште еден лет до Месечината, а еден ден дури и до Марс. Директорката за инженерство на НАСА, Џули Крамер, рече дека проектот „дава можност да се научи се што е важно за овие сложени системи и ќе го направи одењето на Марс и назад многу побезбедно“.

Понатамошни мисии CHAPEA се планирани за 2025 и 2027 година, рече таа. Mars Dune Alpha е создаден со помош на 3D печатач. При напуштањето на живеалиштето во саботата, по повеќе од една година, четворицата волонтери CHAPEA, на кои за време на престојот не им беше дозволено да го напуштат објектот без прозорци, беа преместени.

„Прекрасно искуство“
„Можеме да ги правиме овие работи заедно“, рече членот на екипажот Рос Броквел, додавајќи: „Можеме да ја искористиме нашата љубопитност и цел да постигнеме мир и просперитет и да откриеме знаење и радост во корист на сите на секој дел од Земјата“.

Учеството во симулираната мисија на Марс беше „прекрасно искуство“, рече тој. „И навистина се надевам дека ова ќе ни помогне да стапнеме на Марс“, додаде тој.

Од Месечината до Марс
Целта на програмата Артемида на НАСА, именувана по грчката божица на Месечината, е да испрати луѓе на Месечината повторно во 2030-тите, вклучувајќи ја и првата обоена личност и првата жена. Долгорочната цел на Артемида е да воспостави постојана лунарна база како основа за мисиите на Марс.

За првата од своите мисии CHAPEA, кои симулираат престој на Марс, НАСА не избра обучени астронаути. Сите „здрави и мотивирани“ граѓани на САД или постојани жители на возраст меѓу 30 и 55 години со диплома по инженерство или наука и две години поврзано работно искуство (или најмалку 1.000 часа пилотирање на авион) имаа право да аплицираат.

Избрани се градежниот инженер Броквел од Вирџинија, биологот Кели Хастон од Сан Франциско, доктор и татко на три деца Нејтан Џонс од Илиноис и микробиологот Анка Селариу.

Какво беше живеалиштето?
Живеалиштето каде што поминале една година вклучува приватни простории за спиење од околу 6 квадратни метри, заедничка дневна соба опремена со ТВ и фотелји, работни станици и медицинска станица.

За време на престојот, на волонтерите им беше дозволено да останат во контакт со семејството и пријателите, но комуникацијата беше поставена на „времето на Марс“, што значи дека на обична порака ќе им требаат 22 минути за да стигне до Земјата.

Според НАСА, екипажот извршил „повеќе симулации на Marswalks, одгледувал и собрал неколку култури на зелена салата за периодично да ја надополнува храната на полиците и учествувал во одржувањето на живеалиштата и опремата“.

„За да се направат услови колку што е можно слични на оние на Марс“, тие исто така се соочија со „еколошки стресови како што се ограничувањата на ресурсите, изолацијата и дефектот на опремата“, соопшти вселенската агенција.

НАСА спроведе сличен експеримент наречен Hi Seas на Хаваи. Пред 15 години, Европската вселенска агенција (ЕСА), Русија и Кина исто така спроведоа проект за подготовка за неодредена идна мисија на Марс наречена Марс 500.