Жители на Бутел бараат да се смени трасата на улица, Градот тера по свое


Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски кажа дека во Бутел нема простор за урбаната мафија.

– Нема да дозволам во Општина Бутел повторно да дивее урбаната мафија, исто така нема да дозволам мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци. Баба Невена, чичко Мустафа и чичко Кирил не се криминалци, тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот, вели Костовски.

Костовски денеска се приклучи кон протестот кои го организираа жителите на Улица „Хо Ши Мин“.

– За време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот. Имено, незадоволните жители протестираа против решеноста на градоначалничката Данела Арсовска по секоја цена да изгради улица кој поминува веднаш до нивните домови, уште се позагрижени бидејки жителите мислат дека сето ова се реализира за да се изградат згради согласно план донесен во минатото. Градоначалничката Данела Арсовска за жал не е достапна за овие загрижени граѓани, повеќе од еден месец не успеваат да направат средба со неа, додава градоначалникот на Општина Бутел.

Костовски, исто така, посочи дека Општина Бутел испрати допис до Град Скопје со кој ја поддржа граѓанската иницијатива со која од градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.

– На првата седница на советтот на Општина Бутел јас лично ќе потегнам прашање за поништување на маркиците за згради во овој дел на општината, кажа Костовски.

Од Градот Скопје пак одговараат дека трасата на улицата „Боца Иванова“ е предвидена со Генералниот урбанистички план, и во целата своја должина се простира на земјиште кое е во државна сопственост. Во овој дел законот е јасен и дециден, и нема простор за политички манипулации со истиот. 

Неправото, не може да произведе право, па оттаму, граѓаните на градот Скопје не може да бидат спречени во своите права за своите даноци да не добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина, не може да го дерогира правото на сите, велат од таму. 

– Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, апелираме до градоначалникот на општина Бутел конечно да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не градот Скопје. Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на ул.Боца Иванова ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, кои сега поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје. На овој појас, градот Скопје воведува забрана за изградба и предвидуваме целиот овој потег да биде зелен појас – информираат од Градот.