Жителите со жив штит ќе го бранат знакот „❤️ Кисела Вода“, Арсовска го отстранува


Знакот „Кисела Вода“, односно неговото поставување и веднаш рушење предизвика лавина од реакции од жителите на оваа скопска општина.

Според граѓаните овој знак, е поставен по примерот на голем број европски градови, и ќе ја разубавува општината, но за жал, тој веднаш беше отстранет.

Светлечката табла е на барање на самите граѓани и како што информираше градоначалникот на Кисела Вода е финансирана со средства од граѓаните. Но, по налог на Град Скопје истата беше отстранета.

Жителите се навистина револтирани што може да се воочи од нивните реакции на социјалните мрежи.

-Ќе го вратиме натписот, макар со жив штит го бранеле! – е само еден од коментарите на социјалните мрежи на жителите од Кисела Вода.

Друг вели: „Вадењето на таблата од страна на Данела е знак на немоќ и слабост. Ние сме жители на Кисела вода и се што се прави во нашата општина е за наше добро“.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во Фејсбук статус објаснува дека знакот Кисела Вода ќе биде повторно вратен.

„Целата иницијатива за поставување на светлосната табла ,,Ја сакам Кисела Вода”, по урнекот на неколку европски градови и општини, потекнала од жителите на општината, а пред пет месеци испратил барање до Градот Скопје, за кое добил усмено одобрување, но на писмено, до денешен ден, вели Ѓорѓиевски, нема буквално никаков одговор, што според закон, значи премолчено одобрување. Токму затоа, дозволивме нашата општина да биде разубавена со оваа табла која е целосно финансирана од граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.

Тој проблемот го лоцира кај градските власти, кај генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, и кај градоначалничката Данела Арсовска, на кои им забалежува дека место да се јават и да се заинтересираат до каде е остварувањето на ветената меѓуопштинска соработка, тие се занимаваат со рушење на светлечка реклама, „платена од нашите жители“.

Според градоначалникот, решението за отстранување на објектот е правно неиздржано поради тоа што, во него, случајно или намерно, се бара отстранување на објект во општината Аеродром, а не во Кисела Вода.